• четврток, 26 март 2026

Саем Кина - ЦИЕ: Кинескиот милионски пазар предизвик за македонските компании

Саем Кина - ЦИЕ: Кинескиот милионски пазар предизвик за македонските компании

Нингбо, 23 мај 2025 (МИА) - Голем е интересот на земјите и компаниите од Централна и Источна Европа за презентација и продажба на свои производи и за соработка со Кина на 4. Саем на Кина со земјите од ЦИЕ.  

На продажба на свои производи и можна соработка се надеваат и претставниците на четиринаесет наши компании, кои се веќе познати по своите квалитетни кондиторски производи, сокови, но и вина кои, како што е познато, можат да се купат на кинескиот пазар. Меѓу нив има и една ИТ компанија. 

Во Нингбо со свои производи се претставуваат компаниите  Алтера Фуд, Витаминка, Винчини, Бест Фуд, Виталија, Евал, М3ДС Академи, Соко Горица, Техногума, како и вината на Тиквеш, Стоби, Имако, Крњево и Лепово. 

Сашо Наумоски, извршен директор на „Витаминка“ една од нашите најголеми компании очекува извезувањето на производи од земјите од ЦЕИ да биде поедноставено по одредени отстапки што ги направила кинеската страна. „Витаминка“, вели тој во изјавата за МИА, по втор пат се претставува во Кина. (од него нема видео) 

-Претходниот пат имавме некои инцидентни извози за кои не успеавме да најдеме редовен извоз. Сега покрај претставувањето на кинеската делегација дека се направени некои отстапки во контролите на квалитет за земјите од ЦЕИ се надеваме дека побрзо и полесно ќе може извезуваме производи и очекуваме дека овој пат успешно ќе најдеме фирма која ќе не претставува на кинескиот пазар, вели Наумоски. 

Компанијата „Соко Горица“ произведува сокчиња, кои веќе се продаваат на кинескиот пазар, но првпат се претставуваат во Кина. 

- Ние сме претставници од компанијата Соко која произведува сокчиња и ова ни е прво претставување во Кина, но имаме веќе има една фирма со која соработуваме овде. Имаме повеќе брендови па така со учество на овој саем се надеваме на нови соработки и успеси, вели Ангела Арсовска, од Соко Горица.  

„Макпрогрес“ со нејзиниот бренд Винчини првпат се презентира на овој пазар, но како што вели Драган Волчев, ова е можност за отворање на нови пазари за нивните кондиторски производи.

- Чест и задоволство ни е да присуствуваме на овој саем со желба да дојдеме до кинескиот пазар, кој за нас е многу интересен и атрактивен пазар, и веруваме дека Винчини како компанија и како бренд кој што е водечки и лидер во Македонија и на Балканот во производство и продажба на кондиторски производи дека ќе успееме да најдеме нови партнери и хоризонти, рече Волчев. 

Првпат на кинескиот пазар се претставува и компанијата Евал од Скопје која произведува тартуфи, производи од тартуфи, а нивен нов производ е масло од тартуфи - Туф.  

- Тука сме дојдени да ги прошириме нашите нови видици и соработки. Доста е поразлично од она што сме го виделе на Балканот и пробуваме да ги рашириме нашите идеи и нашите познанства. Нашите производи се со македонски тартуф и имаме нов вид на масло кое што првпат го изложуваме во јавноста, вели Марија Арнаудова од Виталија.

Македонските вина најпрепознатливи наши производи на кинескиот пазар

На милионскиот кинески пазар веќе се продаваат и во одредени средини се мошне познати македонските вина.  Добро познатите вина на Тиквеш, на Стоби, Имако, Крњево и Лепово беа презентирани на саемот Кина-ЦИЕ. 

Македонскиот штанд во специјалниот павилјон за земјите од ЦЕИ вчера го посетија и повеќемина странски државници, а меѓу нив беше и словачкиот претседател на парламентот на словачкиот парламент Ричард Раси а негов домаќин беше заменик министерот за економија Марјан Ристески. 

Словачка и Словенија се почесни гости на овогодинешниот саем во Нинбо, а отворањето на нивните штандови беше проследено со настапи на нивни музички групи, што покрај производите што беа на нивните штадови, привлече голем број бизнисмени, изложувачи но и кинески новинари и медиуми, како и медиумски работи од земјите од ЦИЕ кои се во посета на Кина. 

Во Нинбо вчера како дел од саемската манифестација имаше стотина настани, а во центарот на градот беа поставени штандови на кои исто така со свои деликатеси се претставуваа дел од земјите учеснички. Се отвори и нова канцеларија за врски со земјите од ЦИЕ, посебно со младите од нашите земји кои се повеќе ги има во овој дел од светот.  

На Саемот, кој се одржува до 25 мај, денеска ќе се одржи Форум на градоначалници, на кој ќе присуствува претседателката на Советот на Куманово, но и други претставници на наши локални самоуправи. ев/са/

Фото/видео: МИА 

Остани поврзан