• четврток, 02 јануари 2025

САД ја обвинија Кина за хакерски напад врз Министерството за финансии

САД ја обвинија Кина за хакерски напад врз Министерството за финансии

Вашингтон, 31 декември 2024 (МИА) - Министерството за финансии на САД соопшти дека било цел на кинески хакерски напад на почетокот од месецот, јавуваат американски медиуми.

Во писмо до Конгресот, Министерството наведува дека на 8 декември софтверска компанија предупредила за упад во нивните компјутерски системи. Напаѓачот добил пристап до документи кои не биле класифицирани како тајни.

Според „Њујорк Тајмс“, Кина стои зад големиот инцидент со кибер-безбедноста.

Кинеското Министерство за надворешни работи ги отфрли обвинувањата, наведувајќи дека тие не се поткрепени со докази.

„Кина отсекогаш се спротивставувала на хакерските напади и ги отфрла неоснованите тврдења што имаат политички мотиви“, се наведува во соопштението.

САД и претходно го обвинуваа Пекинг за поддршка на кибер-напади, што Кина секогаш го демантираше. ссм/

фото: архива

Остани поврзан