• понеделник, 23 декември 2024

САД, Париз, Берлин и Лондон изразија загриженост поради нуклеарната активност на Иран

САД, Париз, Берлин и Лондон изразија загриженост поради нуклеарната активност на Иран
Рим, 30 октомври 2021 (МИА) - Соединетите Американски Држави, Франција, Германија и Велика Британија денеска изразија „силна и се поголема загриженост“ за иранската нуклеарна активност, барајќи од Техеран „да го промени правецот“ и на тој начин да го спаси договорот за неговата нуклеарна програма. Американскиот претседател Џо Бајден, францускиот претседател Емануел Макрон, германската канцеларка Ангела Меркел и британскиот премиер Борис Џонсон попладнево во Рим се состанаа за да разговараат на маргините на самитот на Г-20. „Ние сме решени да дејствуваме така што Иран никогаш да не може да произведе или да се здобие со нуклеарно оружје и изразуваме силна и се поголема загриженост за честите провокативни мерки на Иран на нуклеарно поле, како што се производството на високо збогатен ураниум и метали збогатени со ураниум“, се вели во заедничкото соопштение по средбата. Во 2015 година, суперсилите потпишаа историски важен договор со Исламска Република (наречен JCPOA, Заеднички глобален акциски план), кој требаше да ја спречи да произведе атомска бомба. Во 2018 година, за време на мандатот на Доналд Трамп, Американците еднострано се повлекоа од договорот и повторно воведоа санкции кон Иран, кој, реагирајќи на таквата одлука, постепено се откажа од ограничувањата наметнати на неговата нуклеарна програма. Но, Техеран оваа недела објави дека е подготвен да ги продолжи разговорите во ноември за да го спаси договорот. „Уверени сме дека сè уште е можно брзо да се постигне и спроведе договор за повторно придржување до Нуклеарниот договор со Иран (JCPOA), со цел да се гарантира на долг рок дека иранската нуклеарна програма е исклучиво мирна и да се предвиди укинување на санкциите, истакнуваат четворицата лидери во соопштението. „Тоа ќе биде можно само ако Иран го промени правецот“, предупредија тие. Лидерите го повикуваа претседателот Ебрахим Раиси да ја искористи оваа можност и да се потруди да работи со добра волја за да се доведат преговорите до успешен крај што е можно поскоро. „Ова е единствениот сигурен начин да се спречи опасната ескалација која никому не е од интерес“, истакнуваат лидерите во соопштението. паг/  

Остани поврзан