• четврток, 21 ноември 2024

САД ги проширија санкциите против снабдувачите на руската воена индустрија од трети земји

САД ги проширија санкциите против снабдувачите на руската воена индустрија од трети земји

Вашингтон, 30 октомври 2024 (МИА) - САД денеска санкционираа речиси 400 правни и физички лица од Кина, Казахстан, Индија, Малезија, Тајланд, Турција и Обединетите Арапски Емирати, а кои се поврзани со поддршка на руската воена индустрија.

„Овие мерки имаат за цел да го спречат избегнувањето на санкциите против Русија и таргетираат субјекти од трети земји, вклучувајќи ја Народна Република Кина, Индија, Малезија, Тајланд, Турција и Обединетите Арапски Емирати. Министерствата за надворешни и финансии, исто така, санкционираат и неколку високи претставници на руското Министерство за одбрана, назначени годинава“, се наведува во денешното соопштение од Стејт департментот.

Дополнителните санкции ја таргетираат руската воено-индустриска база, вклучувајќи објекти за воени поправки, производители на напредни технологии и субјекти кои ја поддржуваат одбранбената соработка помеѓу Белорусија и Русија. Министерството, исто така, продолжува да таргетира подружници на Државната корпорација за атомска енергија Росатом.

„САД ќе продолжат да ги користат сите расположливи алатки за да запре подршката за руската воено-индустриска база и да се ограничи капацитетот на Кремљ да го користи меѓународниот финансиски систем и генерира приходи за продолжување на својата војна против Украина. Продолжуваме да стоиме во солидарност со Украина во одбраната на нејзината татковина од руската агресија“, се додава  во соопштението на Стејт департментот.

САД имаат за цел да ги прекинат мрежите и каналите преку кои Русија набавува технологија и опрема од субјекти од трети земји за поддршка на своите воени напори.

Денешните санкции ги таргетираат производителите, извозниците и увозниците на артикли критични за руската воено-индустриска база како микроелектроника и компјутерско нумеричко управувани артикли што се од списокот на заеднички високоприоритетни артикли, идентификуван од Бирото за индустрија и безбедност на Министерството за трговија на САД заедно со Европската Унија, Обединетото Кралство и Јапонија. кб/сд/

фото:МИА архива
 

Остани поврзан