Сè уште се пребројуваат гласовите на изборите во Хондурас
- Центристичкиот претседателски кандидат Салвадор Насрала има мала предност пред конзервативецот Насри Асфура поддржан од Трамп во досегашното пребројување на гласовите од изборите во Хондурас, кое вчера беше прекинато поради технички проблем.
Тегусигалпа, 4 декември 2025 (МИА) – Центристичкиот претседателски кандидат Салвадор Насрала има мала предност пред конзервативецот Насри Асфура поддржан од Трамп во досегашното пребројување на гласовите од изборите во Хондурас, кое вчера беше прекинато поради технички проблем.
По пребројани 80,29 отсто од гласовите, Насрала од Либералната партија освои 40,23 отсто, помалку од 14.000 гласови пред Асфура од Националната партија, кој имаше 39,69 отсто. Рикси Монкада од владејачката левичарска партија ЛИБРЕ беше на третото место со 19,01 отсто од гласовите.
Прекини на системот ги следеа изборите во сиромашната централноамериканска држава кои беа жестоко оспорувани откако се одржаа во неделата, а американскиот претседател Доналд Трамп, кој силно го поддржуваше Асфура, наведе изборна измама, без да обезбеди докази.
Вчерашното одложување на ажурирањето на изброените гласови беше втор таков прекин, а членовите на изборниот совет за прекините ја обвинија компанијата која стои зад пребројувањето на гласовите.
Изборот на претседател на Хондурас се одлучува во еден круг, а победува кандидатот со најмногу гласови, дури и ако разликата е мала или нема апсолутно мнозинство.
Прекинот на броењето вчера се случи поради одржување на системот што било извршено без соодветно известување, изјави функционерката на изборниот совет Косет Лопез-Осорио на Х, додавајќи дека тоа го смета за „непростливо“.
Насрала остана самоуверен и покрај проблемите, и на Х напиша: „Во секој случај ќе победиме“.
Набљудувачите на изборите од Европската унија и Организацијата на американските држави, како и изборните тела на Хондурас, повикаа на мир и трпение додека се бројат конечните гласови.
Прелиминарни резултати објавени во понеделникот првично покажаа дека Асфура има мала предност од околу 500 гласови. Организаторите на изборите прогласија технички потешкотии и рекоа дека гласовите ќе мора да се бројат рачно, а кога бројот беше ажуриран во вторникот, Насрала премина во тесна предност.
Изборното тело подоцна соопшти дека проблемот со почетното брзо пребројување не успеал да обработи 20 отсто од гласовите.
Марк Вајсброт, кодиректор на Центарот за економски и политички истражувања, тинк-тенк со седиште во Вашингтон кој промовира демократија, рече дека коментарите и обвинувањата на Трамп против ривалите на Асфура несомнено имале влијание.
Заканата на Трамп за прекин на финансирањето ако Асфура не победи „би се сметала за веројатна да предизвика економска штета на Хондурас и неговиот народ“, рече тој.
Трамп во понеделникот на Truth Social напиша дека Хондурас „се обидува да ги промени резултатите од своите претседателски избори“.
- Ако го направат тоа, ќе биде пекол! Народот на Хондурас гласаше во огромен број на 30 ноември, нагласи Трамп.
На претседателката Ксиомара Кастро од партијата ЛИБРЕ и е забрането повторно да се кандидира бидејќи уставот на Хондурас го ограничува претседателот на само еден четиригодишен мандат. јт/сд/
Фото: ЕПА