• понеделник, 16 март 2026

Руте повика на „ефикасни безбедносни гаранции“ за Украина

Руте повика на „ефикасни безбедносни гаранции“ за Украина

Брисел, 24 февруари 2026 (МИА) - Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, вети континуирана поддршка од алијансата за Украина на четвртата годишнина од инвазијата на Русија, која почна на 24 февруари 2022 година.

- НАТО стоеше покрај Украина од почетокот. Стоиме со вас денес и ќе стоиме со вас во сите предизвици што претстојат - изјави денеска Руте во седиштето на алијансата во Брисел.

- Од императивно значење е Украина да продолжи да ја добива воената, финансиската и хуманитарната помош што ѝ е потребна - рече тој.

Руте истакна дека воената помош, вклучително и онаа за противвоздушна одбрана, е суштинска, но додаде дека „на Украина ѝ треба повеќе“.

- Бидејќи само ветувањето за помош не ја завршува војната. На Украина ѝ треба муниција денес и секој ден сè додека не престане крвопролевањето - нагласи тој.

Шефот на НАТО исто така ги повика сојузниците да се обврзат да обезбедат мир во Украина откако ќе престанат борбите, пренесе ДПА.

- Кога борбите, конечно, ќе престанат, мирот мора да се одржи. Со силни украински сили подготвени да одвратат и да се одбранат и со ефикасни безбедносни гаранции од партнерите на Украина: Европа, Канада и Соединетите Американски Држави - рече тој.

- Украинскиот народ заслужува праведен и траен мир. Нивната безбедност е наша безбедност. Не може да има вистински мир во Европа, без вистински мир во Украина - заклучи генералниот секретар на НАТО. јт/

Фото: ДПА

Остани поврзан