• петок, 22 ноември 2024

Руски сенатор уапсен за нарачано убиство

Руски сенатор уапсен за нарачано убиство

Москва, 3 август 2024 (МИА) - Сенатор од владејачката партија во Русија е уапсен по сомнение дека нарачал убиство, пренесе ДПА.

Советот на федерацијата, Горниот дом на рускиот парламент во Москва, гласаше во корист на одземање на имунитетот на сенаторот Дмитриј Савелиев, соопшти вчера портпарол на парламентот. Тој беше уапсен веднаш откако го напушти состанокот, јави ТАСС.

Според руското обвинителство, во август минатата година високиот политичар нарачал платен убиец да убие бизнисмен. Заговорот бил откриен, но од тактички причини при истрагата сепак се тврдело дека злосторството всушност било извршено.

- Убиството беше инсценирано од безбедносните органи за да се открие лицето кое го нарачало и организаторите, изјави портпарол на обвинителството.

Се тврди дека Савелиев платил за убиството, кое според весникот „Известија“ чинело 100.000 долари.

Сенаторот е 53-годишен поранешен извршен директор на нафтена компанија, и припаѓа на партијата „Единствена Русија“ на претседателот Владимир Путин. Од 2016 година тој ја претставува Тулската област во Советот на федерацијата, а пред тоа бил член на Државната дума, Долниот дом на рускиот парламент.

Во последните недели беа извршени неколку спектакуларни апсења на високи службеници од руската елита поради наводна корупција. Сепак, акција против сенатор по сомнение за убиство е невообичаена.

Во 90-тите години на минатиот век многу економски конфликти во Русија се решаваа со нарачани убиства, потсетува ДПА. ссм/

фото: фејсбук

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан