• сабота, 23 ноември 2024

Руски олигарси умираат еден по друг, најдени тројца со жените и децата

Руски олигарси умираат еден по друг, најдени тројца со жените и децата
10 мај 2022 Индекс.хр Со низата мистериозни пожари и експлозии низ Русија, се зголемува уште една низа, официјално неповрзани несреќни случаи - мистериозна смрт на руски олигарси. Западните медиуми сè повеќе пишуваат за сè посомнителната шема. Си-Ен-Ен минатата недела пишуваше за петмина истакнати руски претприемачи, кои, наводно, извршиле самоубиство, од јануари, додека Русија распоредуваше воени сили долж границата со Украина, до денес, повеќе од два месеца од почетокот на инвазијата. Четворица од петтемина биле поврзани или со државниот гасен гигант Гаспром, или со негови претприемачи, кооперанти. Тројца од нив, непосредно пред смртта, наводно, ги убиле сопствените семејства, што, ја прави целата ситуација, уште поморничава. Двајца се пронајдени мртва со семејствата со разлика од два дена. Британскиот Дејли Мејл пак, набројува шест смртни случаи во изминатите три месеци. Американскиот Њујорк Пост, што исто така пишуваше за ова, се повикува на извори, според кои, во случаите има „отпечатоци на Путин“. 30 јануари: Леонид Шулман, Ленински близу Санкт Петербург Првиот руски олигарх, кој почина годинава, беше Леонид Шулман. Тој е пронајден на 30 јануари во својата колиба во населбата Ленински, близу Санкт Петербург. Шулман беше транспортен директор на Гаспром Инвест, финансиско крило на Гаспром. Новинската агенција РИА Новости информираше за проштална порака крај телото, пронајдена од полицијата, а случајот се гледал како самоубиство. Но, како што пишува Дејли Мејл, Русинот е пронајден во бањата со повеќе убодни рани и нож, наводно, оддалечен од телото. 25 февруари: Александар Тјулаков, Ленински близу Санкт Петербург По помалку од месец дена, ден откако започна инвазијата на Украина, на 25 февруари, обесен е пронајден заменик директорот на Гаспром, 61-годишниот Александар Тјулаков. Во истата населба за богати луѓе, во гаража од луксузна куќа. Руските медиуми известија за случајот како за самоубиство. Но, Дејли Мејл јави за детали, што фрлаат сомнеж врз официјалната верзија. Според некои извештаи, Тјулаков имал видливи повреди од тепање пред, официјалното, бесење. 28 февруари: Михаил Ветфорд, Сари, Велика Британија Три дена подоцна, на петтиот ден од руската инвазија, 28 февруари, рускиот милијардер Михаил Ветфорд е пронајден без знаци на живот, на другиот крај на Европа, во раскошниот дом во вредност од 18 милиони фунти, во британскиот град Сари. Ветфорд, кој имал 66 години, е роден како Михаил Толстошеј во Украина во етничко руско семејство. Тој, исто така, го стекнал богатството со руски бизнис со гас и нафта, познат по корупција и дослух со Кремљ. Го променил своето презиме, кога во 2015 година се преселил во Велика Британија. Полицијата на Сари за Си-Ен-Ен изјави минатата недела, дека, судскиот вештак спроведува истрага, па рочиштето за објавување резултати од обдукцијата е закажано за 29 јули. Наведено е дека смртта моментално е „необјаснета“, но, немало докази за сомнително умирање. Но, Ветфорд, како што пишува Дејли Мејл, пред смртта информирал пријатели и соседи, дека е две години на „листата за стрелање на Путин“, а изминатите месеци, наводно, сè повеќе се плашел за својот живот. Пријател на Борис Березовски, кој е пронајден мртов во 2013 година Сосетка на Ветфорд за британскиот Д Сан изјави дека тој му бил пријател на друг руски олигарх и дисидент, Борис Березовски. Миша, како што го нарекувале блиските, бил уверен оти Березовски е убиен од страна на руската тајна служба. Березовски во деведесеттите му помогнал на Владимир Путин да дојде на власт, но, по неколку години, станал негов жесток критичар и бил принуден да побегне во Велика Британија. По неколкуте преживеани обиди за атентат, тој е пронајден обесен во бањата во својата луксузна вила во Аскот, 2013 година. И тогаш одредени детали од обдукцијата предизвикале сомнеж дека овој критичар на Путин не се обесил, ами, оти некој го задавил. Кон крајот на 2014 година, заклучено е дека невозможно е да се утврди со сигурност, дали станува збор за убиство или за самоубиство. 24 март: Василиј Мелников, Нижни Новгород Милијардерот Василиј Мелников, директор на компанијата за медицински набавки MedStorm, пронајден е мртов заедно со 41-годишната сопруга Галина и со двајцата синови, кои имале 10 и четири години, во нивниот дом вреден милиони, во Нижни Новгород. Сопругата и синовите имале убодни рани, а на Мелников му е исечена артерија. Ножевите биле на местото на злосторството, напиша рускиот Комерсант. Наводно, MedStorm претрпела тешки финансиски загуби поради западните санкции воведени против Русија. Руската полиција, според извори упатени со истрагата, не пронашла траги од кражба или од тепчка. 18 април: Владислав Авајев, Москва Потоа пронајдено е безживотното тело на Владислав Авајев, поранешен потпретседател на Гаспромбанк и поранешен службеник во кабинетот на претседателот и во руската Дума, со пиштол во раката и прострелна рана во својот стан во Москва на 18 април. Со него, без знаци на живот, биле и неговата сопруга Јелена, наводно бремена, како и 13-годишната ќерка Марија. И тие, исто така, имале прострелни рани. Во соопштение, руски истражители наведуваат за претпоставка дека Авајев со пиштолот ги убил сопругата и ќерката, а потоа се застрелал и самиот, јави тогаш руската новинска агенција Тасс. Полицијата објави и куса видео снимка од станот на олигархот по неговата смрт, но, таа повеќе крие, отколку што, открива. Токму Гаспромбанк, преку која Гаспром добива исплати од увозници на руски гас, има клучна улога во рускиот план, со барање западни земји да плаќаат за гас во рубљи. Наводно, во станот се пронајдени 17 парчиња оружје. Сосетка слушнала викотница, три истрели и женско врескање, јави Дејли Мејл. Негов некогашен колега, друг поранешен потпретседател на Гаспромбанк, Игор Волобујев за украинскиот портал Лига.нет изјави дека, тешко е да се поверува оти станува збор за самоубиство. Според него, „исценирано е, затоа што, можеби, тој знаел премногу“. - Неговата работа беше да се занимава со приватно банкарство, значи ВИП клиенти. Тој беше задолжен за доста високи суми пари. Па, дали се убил? Мислам, не. Сметам дека нешто знаел и претставувал некој вид ризик, појасни тој во разговор за Си-Ен-Ен. По почетокот на руската агресија, Волобујев побегна во Украина и дури им се придружи на вооружените сили, територијалната одбрана. - Не можев од страна да гледам што Русија ѝ прави на мојата татковина, додаде бизнисменот, роден во градот Охтирка, североисточна Украина. 19 април: Сергеј Протосења, Лорет де Мар, Шпанија По смртта на Авајев и повеќе од три илјади километри подалеку, каталонската полиција го пронајде обесениот Сергеј Протосења во изнајмена луксузна вила во Лорет де Мар, недалеку од Барселона. Покрај телото, имало крвав нож и секира. Во близина пронајдени се неговите сопруга и ќерка, наводно, масакрирани со секирата. Протосења, кој имал 55 години, е поранешен потпретседател и главен финансиски директор на Новатек, голема компанија за гас, делумно во сопственост на Гаспром. Неговиот 22-годишен син, Федор реагираше скептично на верзијата за семејно убиство и самоубиство. - Тој ја сакаше мајка ми, а особено мојата сестра Марија, беше негова принцеза. Никогаш не би можел да направи нешто, што би им наштетило. Не знам што се случило таа ноќ, но, знам дека мојот татко не ги повредил, истакна Федор за Дејли Мејл. Каталонската полиција, во изјава за Си-Ен-Ен, ја нагласи својата „хипотеза за семејно насилство и покрај изјавите на синот“. - Каталонската полиција зеде изјава од синот. Други хипотези се исклучени. Исклучено е и тројно убиство. Дали е ова дело на руската мафија? Па, не, тврди полициски службеник за Си-Ен-Ен. Од друга страна, Новатек, во соопштение, го опиша поранешниот потпретседател како „прекрасен човек“ и изрази верување дека шпекулациите за неговата смрт, „не се поврзани со реалноста“. Шведски аналитичар: Шпионите на Путин му доставија две листи за стрелање, ги одобри без да ги погледне Навистина ли се работи за самоубиства или има добро воспоставена шема за ликвидација на руски дисиденти, одметници или моќни луѓе, кои му замерија на Путин? Вреди да се нагласи дека олигарсите, во моментот кога ќе „паднат“ санкции, што можат да го потопат нивното богатство, па и да бидат запленети нивните луксузни имоти, би можеле да имаат самоубиствени мотиви. Но, некои аналитичари сметаат дека, сепак, станува збор за ликвидација. Во неодамнешниот извештај на Институтот во Варшава се наведува дека безбедносни агенти на Гаспром, се појавиле на местата на сите смртни случаи на претставниците на корпорацијата, што, би можело да значи оти „можеби некои високи лица, поврзани со Кремљ, сега прикриваат траги од измами во државни фирми“. Андерс Аслунд, шведски економист и автор на книгата „Руски партнерски капитализам“, за Њујорк Пост заклучи дека „во тек е чистење“, но и оти „тешко е да се утврди кој го врши“. Аслунд тврди дека од упатени руски извори, дознал за две списоци на службеници од рускиот енергетски сектор, составени од руските разузнавачи. На првиот список биле тие, за кои постои сомнение дека од нив произлегуваат информации за финансирање тајни воено-разузнавачки операции во Украина. На другиот, лица под сомнеж за проневера на црни фондови, наменети за финансирање на петтата колона во Украина. - Путин одобри ликвидација на сите осомничени од Гаспром, Гаспромбанк и од Новатек, а воопшто не ги ни прочитал списоците. Путин финансира голем дел од своите операции преку Гаспром и Гаспромбанк, а раководителите, кои работат таму, знаат сè за тајното финансирање. Секторот за гас е најкорумпираниот сектор во Русија, подвлече Аслунд. бд/ссм/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан