• недела, 22 декември 2024

Руските научници заминуваат од ЦЕРН, завршува повеќедецениската соработка

Руските научници заминуваат од ЦЕРН, завршува повеќедецениската соработка

Женева, 3 ноември 2024 (МИА) - По повеќе од деценија соработка, Русија се повлекува од Европската организација за нуклеарни истражувања (ЦЕРН) во Женева, пренесува ДПА. Истражувачите на оваа европска институција соработуваа со Русија дури и за време на Студената војна.

Директорката на одделот за физика на честички во германскиот истражувачки центар Електронски синхротрон (DESY) во Хамбург, Беате Хајнеман, изјави за ДПА дека повлекувањето на Русија ќе има бројни негативни последици.

- Тоа не значи дека некои истражувања поради прекинот на соработката ќе бидат невозможни, но ќе биде многу потешко и побавно, ќе има доцнења, рече Хајнеман.

Во истражувањата на ЦЕРН работат илјадници научници од целиот свет. Во проектите биле вклучени околу 1000 научници од Русија, кои значително придонеле, изјави директорот за истражување во ЦЕРН, Јоаким Мних.

- Научниците на ЦЕРН соработуваа со Русија за време на Студената војна поттикнати од научната љубопитност и во мирољубива околина. Изгледа дека тоа повеќе не е можно, што е огромна штета, рече Маркус Клуте, раководител на Институтот за експериментална физика на Институтот за технологија (KIT) во Карлсруе.

ЦЕРН, основан во времето на Студената војна 1954. година, е една од најзначајните истражувачки институции за физика на честичките и дом на најмоќниот забрзувач на честичките во светот.

Во јуни 2022. година, ЦЕРН одлучи да ги прекине договорите за соработка со Русија и Белорусија поради војната во Украина.

Петгодишниот договор со Белорусија истече на 27 јуни, а со Русија истекува на 30 ноември.

Заминувањето на руските научници сериозно ќе се одрази на проектите на ЦЕРН, вклучително и експериментите на Големиот хадронски судирач (LHC), бидејќи Русија покриваше 4,5 отсто од буџетот за тие експерименти, т.е. придонесуваше со 2,3 милиони швајцарски франци годишно. ссм/

фото: архива

Остани поврзан