• недела, 22 декември 2024

Руска ракета погоди товарен брод со пченица во Црното Море

Руска ракета погоди товарен брод со пченица во Црното Море

Одеса, 12 септември 2024 (МИА) - Руска ракета денеска погоди товарен брод со пченица во Црното Море кој се движеше кон Египет, објави украинскиот претседател Володимир Зеленски на апликацијата Телеграм.

Според неговите информации, ударот врз бродот бил веднаш по напуштањето на украинските територијални води. Според првичните податоци, нема повредени.

-Украина е една од земјите во светот со најголем придонес за безбедноста на храната. Внатрешната стабилност и животот на десетици земји во различни делови на светот зависи од нормалното и непречено функционирање на нашиот коридор за извоз на храна, рече украинскиот претседател.

Володимир Зеленски додаде дека снабдувањето со храна на Украина во земјите во Африка и регионот на Блискиот Исток е критично.

-Ќе продолжиме да правиме се што е можно за да ги заштитиме нашите пристаништа, нашето Црно Море и снабдувањето со храна на светскиот пазар. Ова е вистински приоритет за Украина - заштита на животот, и тоа треба да биде приоритет за секоја земја. Ја чекаме реакцијата на светот, а пченицата и безбедноста на храната никогаш не треба да бидат цел на проектили, изјави Зеленски. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан