• недела, 22 декември 2024

Русија подготвена за договор со САД околу продолжување на новиот СТАРТ

Русија подготвена за договор со САД околу продолжување на новиот СТАРТ
Вашингтон, 1 април 2020 (МИА) - Русија е подготвена да постигне договор со САД за продолжување на новиот договор СТАРТ за контрола на нуклеарното вооружување, изјави рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов. Тој во интервју за списанието „Армс контрол тудеј“ истакна дека Русија е веднаш подготвена да постигне договор со САД за продолжување на новиот СТАРТ, додавајќи дека освен нивната добра волја е потребна и согласност од САД, која тие се уште на ја добиле. Рускиот амбасадор изрази надеж дека САД наскоро же се изјаснат околу тоа прашање, имајќи предвид дека договорот истекува во февруари 2021 година. Тој нагласи дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп смета оти има доволно време и продолжувањето на договорот може да се постигне за само неколку дена. Меѓутоа Русија многупати укажа дека продолжувањето на договорот не е само техничка работа, туку претставува долготраен процес кој бара од руската страна да усвои неколку закони, што би можело да трае и неколку месеци. Поради тоа Антонов е изненаден што САД одбиле да направат консултации со Русија во врска со правните аспекти при евентуално продолжување на договорот СТАРТ. Новиот СТАРТ е договор кој Москва и Вашингтон го потпишаа во 2010 година. Според него, двете земји се договорија оперативните носечки системи за нуклеарно оружје како ракети, бомби, и подморници да ги намалат на по 700, а исто така предвидува и лимитирање на по околу 1.550 боеви глави, додека вкупно ракетни фрлачи не смеат да бидат повеќе од 800. Договорот ќе биде во сила до 5 февруари 2021 година, освен ако не се замени со друг договор за контрола на нуклеарното вооружување. исто така, може да биде и продолжен, но не подолго од пет години, со согласност од двете страни. гт/

Тагови

Остани поврзан