Рубио и Нетанјаху: Иран е единствениот најголем извор на нестабилност во регионот
- Американскиот државен секретар Марк Рубио по разговорите со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека се согласиле дека Иран е „единствениот најголем извор на нестабилност во регионот“.
![Рубио и Нетанјаху: Иран е единствениот најголем извор на нестабилност во регионот](https://mia.mk/images/20250216150759_big_730x400_14.webp )
Тел Авив, 16 февруари 2025 (МИА) - Американскиот државен секретар Марк Рубио по разговорите со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека се согласиле дека Иран е „единствениот најголем извор на нестабилност во регионот“.
„Иран стои зад секоја терористичка група, секој чин на насилство и секоја дестабилизирачка активност. Зад сè што ги загрозува мирот и стабилноста на милиони луѓе кои овој регион го нарекуваат дом стои Иран“, рече Рубио.
На прес-конференција во Израел, Рубио рече дека не смее да му се дозволи на Иран да произведува нуклеарно оружје, како и дека режимот во Техеран не е поддржан од иранскиот народ.
Хамас не може да продолжи да постои како воена или владина сила. Мирот е невозможен се додека Хамас постои како владејачка сила и администрација или како сила која може да се заканува преку употреба на насилство“, рече државниот секретар на САД.
Рубио нагласи дека Израел секогаш може да смета на поддршката на САД и претседателот Доналд Трамп.
Американскиот државен секретар рече дека Трамп и Нетанјаху работат на ослободување на сите преостанати заложници кои ги држи палестинската милитантна група Хамас во Појасот Газа.
Рубио рече и дека Трамп бил многу храбар кога станува збор за гледање на иднината на Појасот Газа, мислејќи на предлогот да се преселат Палестинците од Газа и САД да ја преземат областа, објави Тајмс оф Израел.
Нетанјаху, пак, рече дека Израел и САД се решени заеднички да ги спречат нуклеарните амбиции на Иран и агресијата на Техеран на Блискиот Исток.
На заедничката прес-конференција со Рубио по нивната средба во Ерусалим, израелскиот премиер рече дека двајцата имале многу продуктивна дискусија за повеќе теми, но ниту една не била поважна од Иран.
„Израел и Америка стојат рамо до рамо во борбата против заканата од Иран. Се согласивме дека ајатоласите не треба да поседуваат нуклеарно оружје. Се согласивме и дека иранската агресија во регионот мора да се запре“, рече Нетанјаху.
Тој нагласи дека во изминатите 16 месеци од почетокот на војната против Хамас во Газа, Израел му зададе силен удар на Иран и дека со поддршка на Трамп не се сомнева дека ќе може да си ја заврши работата.
Нетанјаху му се заблагодари на Рубио за „недвосмислената поддршка“ за политиката на Израел за Појасот Газа.
Израелскиот премиер рече и дека Израел и САД, под водство на Доналд Трамп, имаат заедничка стратегија за енклавата.
„Имаме заедничка стратегија со САД, чии детали не можеме да ги откриеме во јавноста. Но, портите на пеколот сигурно ќе се отворат доколку не бидат ослободени сите наши заложници, без исклучок“, рече Нетанјаху.
„Сакам да ги уверам сите што не слушаат сега дека претседателот Трамп и јас работиме во целосна соработка и координација еден со друг“, додаде израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. паг/
Фото: ЕПА