• петок, 15 ноември 2024

РСБСП: Сигурносниот појас спасува живот

РСБСП: Сигурносниот појас спасува живот
Скопје, 20 март 2021 (МИА) - Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелира до возачите и лицата кои се превезуваат со возило да ги почитуваат обврските за користење  сигурносен појас и порачува дека сигурносниот појас спасува живот. -Навистина не вреди да се ризикува затоа што се работи за вашиот живот и вашето здравје. Бидете одговорни, ставајте појас! Сигурносниот појас не влијае на тоа дали ќе се случи одредена сообраќајна незгода или не, но значително влијае на тоа какви ќе бидат последиците од сообраќајните незгоди. Истражувањата на релевантни меѓународни организации покажуваат дека 50 отсто од возачите кои животот го загубиле во сообраќајна незгода, загинале поради тоа што не користеле појас, односно истражувањата покажуваат дека сигурносниот појас го намалува ризикот од фатални последици при сообраќајна незгода дури за 50 отсто, велат од РСБСП. Возачите и патниците, додаваат, мора да сфатат дека користењето на сигурносниот појас е наменето исклучиво за нивна лична безбедност и заштита на нивниот живот и нивното здравје. Од РСБСП ги потсетуваат возачите и патниците дека обврската за користење на сигурносни појаси се однесува на возачот, на сопатниците на предните седишта, но и на сопатниците на задните седишта ( на сите седишта во возилото на кои фабрички се вградени сигурносни појаси) и е задолжителна без разлика на тоа дали возилото се движи во населено или надвор од населено место. -Некористењето на сигурносниот појас се санкционира со парична казна наменета исклучиво за лицето кое не користи појас без разлика дали станува збор за возач или патник на предното или задното седиште. Возачот кој што не користи сигурносен појас ќе биде санкциониран со парична санкција во висина од 40 евра во денарска противвредност. Лицето кое се превезува во возило во кое фабрички се вградени сигурносни појаси е должно за време на возењето да го стави сигурносниот појас без разлика дали се превезува на предното или задното седишта. Санкцијата за непочитување на оваа обврска изнесува 50 евра во денарска противвредност, појаснуваат од РСБСП. Обврската за користење на сигурносен појас,прецизираат, не се однесува на доставувач на стока во прометот, во местото на испорачувањето и возачи кога со возило се движат со брзина на човечки од, кога се движат наназад и на паркиралишта. вј/скс/

Остани поврзан