• вторник, 05 ноември 2024

Ројс ќе ја води Борусија со капитенската лента на последниот натпревар пред своите навивачи

Ројс ќе ја води Борусија со капитенската лента на последниот натпревар пред своите навивачи

Дортмунд, 17 мај 2024 (МИА) - Марко Ројс ќе биде капитен на Борусија Дортмунд на неговиот последен домашен натпревар со клубот во сабота против веќе испаднатиот Дармштад.

Како што е познато, ветеранот ќе го напушти клубот на лето откако нема да му биде обновен договорот. Со своето време во академијата на Борусија, офанзивниот играч за врска помина вкупно повеќе од 21 година во клубот, а претходно и капитен на тимот.

-Марко ќе биде во стартните 11 во сабота и ќе го води тимот како капитен. Сфаќате колкава љубов добива. Тоа го немаат многу играчи, додаде Терзиќ.

Марко Ројс двапати го освои германскиот куп со Борусија Дортмунд и може да ја додаде титулата во Лигата на шампионите доколку тимот го совлада Реал Мадрид во финалето на турнирот на 1 јуни во Лондон.

Екипата од Дортмунд веќе обезбеди пласман во Лигата на шампионите следната сезона, но за прв пат по девет години ќе ја заврши сезоната надвор од најдобрите четири во Бундеслигата.

-Сезоната ја замисливме на поинаков начин и не сме задоволни со петтото место, призна тренерот на Борусија.

Един Терзиќ, исто така, не криеше дека дефанзивецот Матс Хумелс е разочаран од одлуката на германскиот национален селектор да го остави надвор од составот за ЕП 2024. Селекторот рече дека шампионот од Светското првенство во 2014 година со Германија сега е насочен кон финалето на Лигата на шампионите, што е неговата последна цел сезонава.

-Почувствував дека одлуката влијаеше на Матс и тој беше многу разочаран. Тој ме увери дека веќе размислува за нашата последна цел и ќе направи се што е можно за да ја постигнеме. Апсолутно би било заслужено доколку биде во тимот за Европското првенство. Но, одлуката не е наша, изјави тренерот на Борусија Дортмунд. дс

Фото: Архива

 

Остани поврзан