• петок, 05 декември 2025

Роналдо може да го пропушти воведниот дуел на СП поради црвениот картон

Роналдо може да го пропушти воведниот дуел на СП поради црвениот картон

 

Лондон, 14 ноември 2025 (МИА) – Португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо би можел да го пропушти првиот натпревар од Светското првенство 2026 доколку Португалија, како што се очекува, се квалификува за мундијалскиот турнир.

Роналдо беше исклучен откако со лакт го удри ирскиот репрезентативец Дар О’Ши во 60 минута од квалификацискиот натпревар одигран во четвртокот вечер во Даблин, во кој Ирска победи со 2:0.

Португалскиот напаѓач автоматски ќе ја отслужи суспензијата од еден натпревар, што се изрекува за црвен картон, и нема да игра на натпреварот в недела против Ерменија, во кој Португалија со победа ќе обезбеди пласман на Светското првенство во САД, Канада и Мексико.

Според дисциплинските правила на ФИФА, „сериозен неспортски прекршок“ носи суспензија од најмалку два натпревари, додека „насилното однесување“, вклучително и удирањето со лакт, носи забрана од најмалку три натпревари.

Евентуалната суспензија од ФИФА ќе се однесува само за официјални, а не и за контролни натпревари што би се играле пред СП.

Претходно оваа недела, 40-годишниот Роналдо потврди дека ќе настапи на СП, кое за него би било рекордно шесто во кариерата.ег

ФОТО: ЕПА

Остани поврзан