• вторник, 26 ноември 2024

Ромската заедница се обединува и најавува засилено делување преку градење кауза под мотото „Единство и еднаквост“

Ромската заедница се обединува и најавува засилено делување преку градење кауза под мотото „Единство и еднаквост“
Скопје, 18 јули 2022 (МИА) - Градење ромска кауза под мотото „Единство и еднаквост“, најавија денеска претставници на 10 граѓански организации и на Општина Шуто Оризари откако потпишаа Декларација за заедничко делување со цел политичко, економско и социјално единство на ромската заедница. Како што беше речено на прес-конференција, приоритети ќе бидат: поголема вклученост на ромската заедница во законодавната и извршната власт, имплементација и операционализација на усвоените стратешки документи, како и правичен пристап до фондови за ромските граѓани. -Оваа иницијатива за здружено делување е произлезена од потребата на ромската заедница, локалната самоуправа и граѓанските организации прашањата, потребите и предизвиците на Ромите да заземат повисоко место во агендата на носителите на одлуки, меѓународната заедница, на националните и меѓународните донатори, истакна Фатима Османовска. Општ е заклучокот, напомена Османовска, дека изминатите години исклучително стагнира развојот на ромската заедница во сите области и на сите нивоа. -Неимплементацијата на стратешките документи, ниското ниво на политичка партиципација, поделеноста на ромската заедница по сите основи, нејзината незастапеност во новите вработувања во јавниот сектор, неповолните здравствени политики и социјалната исклученост, значително ја влошуваат положата на Ромите, а за продлабочување на овие проблеми придонесува и недостапноста на фондовите за ромскиот граѓански сектор, потенцира Османовска. За спроведување на целите дефинирани со Декларацијата, како што рече Османовска, ќе се реализираат индивидуални и групни средби со заедницата, со политичките партии, со носителите на одлуки, како и со донаторската заедница. Планирани се и јавни презентации на потребите на заедницата. На новинарско прашање во врска со немањето гинеколог во Шуто Оризари, на прес-конференцијата беше нагласено дека ваква ординација се очекува да профункционира од септември. Во врска, пак, со децата питачи, беше нагласено дека и ова прашање е третирано. -Имаше обиди и ова прашање да биде решено, децата да бидат сместени во институциите, но тие се повторно на улица. Од кои причини, нема соодветен одговор, рече претставникот на граѓанските организации, Зекир Абдулов. мч/аа/

Остани поврзан