• понеделник, 23 декември 2024

Роман Симовиќ и „Профундис“ на 16 октомври во Филхармонија 

Роман Симовиќ и „Профундис“ на 16 октомври во Филхармонија 

Скопје, 28 септември 2023 (МИА) - Концерт-мајсторот на Лондонската филхармонија Роман Симовиќ и камерниот оркестар „Профундис“, под диригентската палка на Ѓурѓица Дашиќ, на 16 октомври ќе настапат во Филхармонија. Концертот е насловен „Роман“. На програмата ќе бидат тројца британски композитори - Вилијам Волтон, Вилијам Лојд Вебер и Ралф Вон Вилијамс, како и „Четири годишни времиња“ од Астор Пјацола.

- Голема е честа концертната сезона на камерниот оркестар „Профундис“ да се круниса со гостувањето на брилијатниот Роман Симовиќ со заеднички настап на нашата сцена. Се надевам дека ќе ги пренесеме емоциите и виртуозноста на овој спектакуларен концерт во срцата на нашата публика, создавајќи незаборавно музичко искуство, вели Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител на камерниот оркестар.

Како солист, Роман Симовиќ настапува со некои од водечките оркестри во светот: Лондонскиот симфониски оркестар, оркестарот на театарот „Марински“, Оркестарот на „Театро Реџио“ во Торино, симфонискиот оркестар во Халифакс (Канада), оркестарот „Франц Лист“ во Унгарија, „Камерата Берн“ во Швајцарија, Камерата Салцбург (Австрија), како и оркестри во Турција, Полска, Холандија.

Симовиќ настапувал на многу реномирани фестивали како што се: „Вербие“, „Бели Ноќи“ (Санкт Петербург), „Транс-сибирскиот фестивал“ на Вадим Репин,„Велигденскиот фестивал“, Охридско лето, Летниот фестивал во Дубровник, „Котор Арт“ во Црна Гора, БЕМУС и НОМУС во Србија, „Сион-Вале“ во Швајцарија, фестивалот во Берген, „Московски ноќи“, фестивалите во Италија и Шпанија на кои соработува со врвни музички ѕвезди на денешницата.

Тој од 2010 година е концерт-мајстор на Лондонската филхармонија. Свири на виолина изработена од Антонио Страдивари во 1709 година која му е позајмена од филантропот и колекционер на инструменти Џонатан Моулдс.

Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав кој постои веќе три години и чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во Северна Македонија, Националната опера и балет и Националната филхармонија. мд/са/

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан