• петок, 05 декември 2025

Романски европратеник иницира изгласување недоверба на Европската комисија 

Романски европратеник иницира изгласување недоверба на Европската комисија 

Брисел, 26 јуни 2025 (МИА) – Европратеникот Георге Пипереа од редовите на романската националистичка партија Алијанса за Унија на Романците (АУР) денеска покрена иницијатива во Европскиот парламент за изгласување недоверба на Европската комисија на Урсула фон дер Лајен. 

Според извори во ЕП, иницијативата досега ја потпишале 74 пратеници од неколку групи во Европарламентот. Сепак, дури и иницијативата да се најде на гласање на пленарна сесија на ЕП, шансите за нејзино прифаќање се минимални. 

Во предлогот на Пипереа, Комисијата се критикува за „недостиг на транспарентност“, а се споменува и аферата „Фајзергејт“ поврзана со обвинувања против Фон дер Лајен за злоупотреба на должноста при договарањето на набавки на вакцини во време на Ковид кризата. 

Иницијативата ја потпишале 32 од 79-те европратеници на национал-конзервативната група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), од која дел е и АУР, додека останатите потписници се од редовите на Патриотите за Европа (ПФЕ), Европа на суверените нации (ЕСН) или членови на ЕП кои не припаѓаат на ниту една пратеничка група, но и еден припадник на Европската народна партија (ЕПП) – Бранко Гримс од Словенечката демократска партија (СДС).  

Според изворите во ЕП, во рамките на ЕЦР постои поделеност околу иницијатива, која ја поддржува крило предводено од полската партија Право и правда (ПиС), додека против неа е група предводена од партијата Браќата на Италија (ФДИ) на италијанската премиерка Џорџа Мелони. 

Портпарол на Европските конзервативци и реформисти за бриселскиот портал „Еурактив“ изјавил дека предлогот „не е иницијатива на групата ЕЦР“, иако меѓу потписниците е и нејзиниот копретседател Патрик Јаки од ПиС. 

Претседателот на ЕПП, Манфред Вебер, пак, порача дека доколку иницијатива се најде на гласање на седница на Европарламентот, пратеничката групата на Партијата „едногласно ќе гласа против неа“. Самата Фон дер Лајен и околу половина од членовите на Еврокомисијата се од редовите на ЕПП. 

Досега до Европскиот парламент во пет наврати биле поднесувани иницијативи за изгласување недоверба на Еврокомисијата која во тој момент била актуелна, но ниту една од нив не добила поддршка. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан