• петок, 05 декември 2025

Романот „Столб што пее“ на Томислав Османли објавен на српски јазик

Романот  „Столб што пее“ на  Томислав Османли објавен на српски јазик

Скопје, 18 јули 2025 (МИА) - Антивоениот роман „Столб што пее“ на македонскиот писател Томислав Османли е објавен на српски јазик. Во превод на српски, реализиран од Сашо Огненовски, овој македонски роман го објави книгоиздателство „Агора“ од Нови Сад.

Како што информира авторот, преводот на романот „Столб што пее“ на српски јазик новосадска „Агора“ и нејзиниот главен уредник, книжевникот Ненад Шапоња, го објавуваат со поддршка на Министерството за култура и туризам од средствата на фондот за поддршка на објави на значајни македонски книги во странство.

Оригиналното, македонско  издание на „Столб што пее“, пред три години го понуди книгоиздателството „ВиГ Зеница“ од Скопје, по што следеа неговите објави во Грција во издание на „Literatus“ од Солун во превод од македонски на Ставрула Маврогени и сега, српската објава на „Агора“. „Столб што пее“ е претпоследниот, четврти роман на Османли и едновремено негова шеста книга што се објавува во соседна Србија.

„Столб што пее“ е роман со сложено време и место на дејство. Дејството му е транс-историско и се одвива паралелно, во антиката, во првата половина на дваесеттото, како и во нашево, како што се наведува, трагично обеспокоено столетие. Почнува во првиот век на нашата ера кога еден умирачки антички мелограф и филозофски поет ќе нѝ ја остави најстарата преживеана песна од древните времиња, што се гласи со лирски тон и со  оптимистичка порака, тече преку Малоазиската војна 1919-1922 која е еден меѓунационален и меѓуверски судир проследен со бројни, масовни цивилни масакри, инаку изведен како еден вид  продолжение на Првата светска војна, но на несмиреното малоазиско  тло.... Наративот на „Столб што пее“ тече сѐ до нашево совремие, до почеткот на травматична руско-украинска војна од 2022 година и го подразбира нашево ново, опасно завојувано столетие. Романот дава жестока панорамска слика на вековите и посебно на оваа епоха со  глобално распалувани војни. 

- Просторот на неговите паралелно водени фабули ги опфаќа древна и современа Мала Азија (Јонија со Анадолија, Сирија, Турција), суровите, води на бегалскиот Медитеран по кој со години допловуваат, но и потресно ги завршуваат животите, безбројни бегалци од завојуваните и унесреќени земји на Третиот свет, во негостољубивите, гибелни води и граници на државите од Европа, во незгасната надеж дека некако ќе допрат до една од северните, главно недостижни европски земји како простори на надежта за конечно пројадена благосостојба и каков-таков спокој... Сложениот сказ на романот го сочинуваат девет меѓусебно поврзани текови соединети во возбудливата матица на романот. Во нив, романсирани, се појавуваат автентични ликови: античкиот мелопоет Сејкилос инаку автор на најстариот столбец „што се пее“, со епиграфија од музички и текстуален запис, но и ранохристијански апостоли, британски археолози и библисти, инженери-градители на малоазискиот дел од отоманската  железница, грчки офицери, турски зејбеци, една од најпознатите рембетски стихотворки Елефтерија Папајанопулу, цивилни страдалници од сите етницитети и религии на страдните градови Измир и Ајдин и еден несреќно разделен пар сириски бегалци што со години се обидуваат конечно да се спојат на новото тло..., се вели во соопштението.

Во комплексниот романескен зафат на Османли, покрај овие текови и ликови, „Столбот што пее“, како што се наведува, го следат и го засилуваат впечатливи документарни елементи: автентични фотографии, агенциски вести, прецизно приведени tweet-ови кои се сѐ уште „живи“ зашто емитуваат најнови актуелности за прекуморските бегства со среќни и несреќни исходи, на брановите бегалци што ги напуштаат своите спепелени огништа од онаа страна на Средоземното море. Романот содржи и два природно вметнати расказни цитата од „Делата апостолски“ на Новиот завет со апостолите Павле и Лука, но и интернет адреси и – посебно - четири музички QR-кодови во органска врска со насловот и со метафората на „Столбот што пее“. На тој начин претпоследниот роман на Османли се јавува и како фикционален, документарен и мултимедијален, делумно и интерактивен наратив од нов вид. Таа постапка нашиот автор ќе ја примени и во својот најнов роман насловен „Заборав“. И двата наслова беа финалисти за највисоките македонски прозни награди.

Свои мултимедиски осврти за оваа книга објавија проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, д-р Сашо Огненовски, Александар Маџаровски-Читачот, а предговори и книжевниците Глигор Стојковски кон македонското и Вангелис Тасиопулос кон грчкото издание на „Столбот што пее“. мд/са/

Фото: Томислав Османли

                   

Остани поврзан