Роднините на жртвите во железничката несреќа кај Темпи преку 1,3 милиони потписи бараат укинување на пратеничкиот и министерски имунитет
- Бараме казна за политичарите кога постои кривична одговорност, бараме сите да бидат еднакви пред законите, порача претседателката на Здружението на роднините на жртвите во железничката несреќа кај Темпи Мариа Каристиану, откако во грчкиот Парламент достави 1,3 милиони потписи собрани преку онлајн петиција, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 7 јули 2025 (МИА) – Бараме казна за политичарите кога постои кривична одговорност, бараме сите да бидат еднакви пред законите, порача претседателката на Здружението на роднините на жртвите во железничката несреќа кај Темпи Мариа Каристиану, откако во грчкиот Парламент достави 1,3 милиони потписи собрани преку онлајн петиција, јави дописничката на МИА од Атина.

Потписите беа собрани преку онлајн петиција што започна на почетокот на годинава со барање да се направат уставни измени и да се активира законот за одговорност на министрите и да се укине пратеничкиот имунитет за инволвираните „да одговараат за криминалот кај Темпи“.
-Со голема гордост ги доставивме потписите што ги собравме, а се однесуваат на законот за пратенички и министерски имунитет. Го бараме она што се подразбира, бараме казна за политичарите кога постои кривична одговорност. Бараме да не се прекрши дополнително Уставот бидејќи меѓу првите членови, Уставот предвидува дека сите сме еднакви пред законите. Ние, нашата должност како граѓани ја направивме, сега очекуваме од пратениците, од Парламентот да го сторат она што е потребно, порача Каристиану.
Изрази задоволност што толку голем број граѓани го ставија нивниот потпис на петицијата, особено поради тоа што, како што рече многупати конкретната платформа била блокирана.

Пред грчкиот Парламент беше закажан и протест, меѓутоа, веројатно поради високите температури присутни беа само десетина лица, кои побараа правда за жртвите во несреќата.

Паралелно во Парламентот денеска состанок одржа предистражната комисија формирана за разгледување на евентуална кривична одговорност на поранешниот министер за транспорт на Грција Костас А. Караманлис, кој не се појави и преку писмена изјава изрази желба за целосно расчистување на случајот, тврди дека е невин и бара случајот да биде доставен до надлежните судови.
Ист беше ставот и на поранешниот грчки министер брз ресор Христос Триандопулос на крајот на март годинава на предистражната комисија во Парламентот за да се испита евентуална негова кривична одговорност за несреќата кај Темпи.

Железничката несреќа кај Темпи се случи на крајот на февруари во 2023 година кога животот го загубија 57 лица. ср/ссм/
Фото: МИА