• петок, 05 декември 2025

Родителите на починатите во „Пулс“ сo ултиматум до Обвинителството и Судот, бараат одговори до 3 октомври

Родителите на починатите во „Пулс“ сo ултиматум до Обвинителството и Судот, бараат одговори до 3 октомври

Кочани, 27 септември 2025 (МИА) - Родителите на починатите во мартовскиот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска по 24-ти пат маршираа за своите ангели.

Маршот започна од Паркот на Револуцијата, преку Трговскиот центар, мостот кај Шопинг центарот до зградата на Управата за јавни приходи. Поворката продолжи кон полициската станица и заврши пред Основниот суд, од каде беше упатено ултимативно предупредување до Обвинителството и Судот, од каде очекуваат одговори на прашањата што претходно им ги доставиле во писмена форма.

- Доколку до петок, 3 октомври, не добиеме официјален одговор ќе нема повеќе маршеви, ќе продолжиме со протести и блокади. Нема повеќе мирни чекори. Нема повторно молчење, порачаа родителите.

Тие од ОЈО очекуваат одговор до каде е постапката против вработените во МВР и кога ќе има обвинети и обвинение, додека од судиите во Кривичниот суд, пак, бараат да знаат кога ќе ја донесат оценката на обвинителниот акт.

- Време е да се стави крај на одолговлекувањето и да се овозможи вистинска правда. Овие барања Ви ги доставивме и писмено по пошта. Доста е, сметаат родителите.

Тие рекоа дека не станува збор за позадински политички влијанија на партии врз нив, туку дека тоа се тие, родителите, и нивниот бес, тага и револтот против системот. Сметаат, како што велат, дека постојат обиди да се направи селективна „правда“, наместо да има вистинската правда која им припаѓа на нивните деца.

- Правдата не чека. Жртвите не се бројки — тоа се нашите деца, браќа, сестри. Цели семејства се уништени, револтирано рекоа родителите, додавајќи дека бараат одговори, одговорност и вистинска правда. ис/аа/

Фото: МИА

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан