• петок, 05 декември 2025

Роберта Мецола со амбиции за трет мандат на чело на Европарламентот 

Роберта Мецола со амбиции за трет мандат на чело на Европарламентот 

Брисел, 9 октомври 2025 (МИА) - Европската народна партија (ЕПП) и Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) традиционално „го делат“ претседавањето со Европскиот парламент по 2,5 години во текот на петгодишниот мандат на институцијата.  

Во моментов со Парламентот раководи малтешката европратеничка Роберта Мецола од ЕПП, па согласно меѓупартискиот џентлменски договор од почетокот на 2027 година претседавањето со претставничкиот дом на ЕУ би требало да го преземе кадар на социјалдемократите. Како најверојатен кандидат за функцијата се посочува актуелната претседателка на СД, шпанската европратеничка Ираче Гарсија. 

Меѓутоа, извори во Европскиот парламент за бриселскиот портал „Еурактив“ изјавиле дека во услови кога лево центристичката СД е значително ослабена, во ЕПП се размислува да се побара Мецола да остане на функцијата и од 2027 година. Со тоа, Мецола би добила трет мандат на чело Европарламентот, нешто што досега се нема случено во историјата на ЕУ. 

Според истите извори, за да ги одоброволи социјалдемократите, ЕПП би можела да се согласи претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој доаѓа од редовите на СД, да остане на функцијата до крајот на мандатот на актуелните институции на ЕУ, односно до 2029 година.  

Претседателот на Европскиот совет се бира за период од 2,5 години, но најчесто кандидатот избран во годината на одржување на изборите за Европскиот парламент останува на функцијата во текот на целиот петгодишен мандат на институциите, со негов формален реизбор. 

Изворите на „Еурактив“ посочуваат дека автор на идејата за трет мандат на Мецола е актуелниот лидер на ЕПП и на нејзината пратеничка група во Европарламентот, Манфред Вебер. На овој начин, според истите извор, инсистирајќи на реизбор на Мецола, Вебер сака да ја заштити сопствената позиција како шеф на пратеничката група на ЕНП, функција што ја извршува повеќе од една деценија.  

Проценките се дека ако Мецола ја напушти позицијата претседателка на Европарламентот, таа најверојатно би го презела раководењето со пратеничката група на ЕПП. Во таков случај Вебер би ја задржал само функцијата лидер на ЕПП, која во пракса е помалку значајна и влијателна од позицијата претседател на пратеничката група, поради што тој не би сакал да се откаже од неа. 

Мецола се споменуваше и како можен нов лидер на нејзината матична малтешка конзервативна Националистичка партија (ПН) доколку ја напушти функцијата во ЕП, но таа ја отфрли таквата можност изјавувајќи дека „сака да го заврши својот мандат во Европскиот парламент“. 

Мецола важи за „обединувачка фигура“, неа и се припишува заслугата за значително зголемување на улогата на Европарламентот на меѓународната сцена и таа е ценета од речиси сите пратенички групи во ЕП.   

Во прилог на тезата дека Мецола се подготвува за трет мандат се посочува и нејзиното „флертување“ со десничарските пратенички групи, чија поддршка би и била неопходна за реизбор доколку нејзината ЕПП не постигне договор за тоа со социјалдемократите. Така, Мецола неделава на стартот на сесијата на ЕП во Стразбур се согласи со иницијативата на десничарските групи за едноминутен молк во чест на убиениот американски конзервативен активист Чарли Кирк, заедно со оддавањето почит на иранската активистка Махса Амини и на жртвите од нападот врз синагогата во Манчестер и на нападите на Хамас во Израел во 2023 година, барање што претходно беше одбиено. 

Дополнително, Мецола прифати во текот на овонеделната сесија на ЕП да се одржи и дебата за „опасностите што мигрантите ги претставуваат за жените и децата“ на предлог од десничарската група Патриоти за Европа (ЕФП), што беше оквалификувано како „легитимирање на екстремистичката реторика“ од нејзина страна. 

Експерти предупредуваат дека прекршувањето на џентлменскиот договор меѓу ЕПП и СД би можело да го поткопа кревкото центристичко мнозинство во Европскиот парламент, оценувајќи дека социјалдемократите би можеле „жестоко да реагираат“ на таквиот потег. Односите во т.н. „проевропско мнозинство“ дополнително би се нарушиле доколку Мецола би била реизбрана благодарение на десничарските групи, без поддршка на партиите на левиот центар, што би можело да има политички последици врз институциите на ЕУ. сп/ссм/

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан