• понеделник, 23 декември 2024

РКЕ бара законски измени за поголеми и попрецизни надлежности

РКЕ бара законски измени за поголеми и попрецизни надлежности
Скопје, 22 октомври 2020 (МИА) - Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија подготвува предлог измени во Законот за енергетика со кои ќе побара поголеми ингеренции и прецизирање на надлежност во однос на изрекување на повисоки казни кон операторите на дистрибутивните системи, доколку поради нивна неажурност и лоша организација, ги оставиле потрошувачите без греење во време на грејна сезона, соопшти денеска Комисијата. - Мора да ги зголемиме нашите ингеренции и да можеме да изрекуваме сериозни казни кои ќе бидат врзани со процент од вкупен приход што го остваруваат енергетските компании, што е и сугестија од Енергетската заедница. Сега, овие казни се многу мали и незначајни за нив и се од 5000 евра до 7000 евра во зависност од делото. Со зголемување на казните, ќе делуваме превентивно и ќе се дисциплинираат операторите на дистрибутивните системи да не се чувствуваат комотно и сериозно да ја сфатат својата улога, а со тоа ќе ги заштитиме потрошувачите. Дополнително измените ќе бидат и во насока веднаш да може да добијат пониски сметки, доколку не ја добијат услугата, а не како сега на крај од грејната сезона во порамнителните сметки, вели Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги. Иницијативата за зајакнување на ингеренциите преку измени во Законот за енергетика следува откако на почетокот на грејната сезона РКЕ одржала состанок со БЕГ и сите останати компании кои го снабдуваат Скопје со топлинска енергија на кој од страна на компаниите е информирана дека ќе нема проблем за почеток на грејната сезона. - Ние врз основа на информациите од БЕГ верувавме дека ќе нема проблеми, но во голем дел на Скопје има проблеми, на кои ни посочија граѓаните дека немаат топлинска енергија, по што БЕГ ни даде точна информација. Ние мора да делуваме поригорнозно, затоа што очигледно дека казни до 7000 евра не им претставуваат проблем, затоа ќе побараме законски измени. Ако продолжи ваквото некоректно однесување и не се отстранат недостатоците ќе ја разгледаме опцијата за одземање на лиценцата, смета претседателот на Комисијата. Тој, се вели во денешното соопштение од РКЕ, нагласува и дека потрошувачите имаат право да го тужат БЕГ поради недобивање на парно пред Суд и дека РКЕ стои на располагање за да им даде соодветен документ со која ќе ја потврди фактичката состојба. сст/сп/

Остани поврзан