Ристовски: Министерството за спорт ја завршува годината со максимална реализација на планираните капитални инвестиции
- СООПШТЕНИЕ - Министерството за спорт во првите шест месеци од формирањето успешно ги реализираше сите планирани капитални инвестиции за оваа фискална година.
Скопје, 27 декември 2024
Министерството за спорт во првите шест месеци од формирањето успешно ги реализираше сите планирани капитални инвестиции за оваа фискална година.
Министерот за спорт Борко Ристовски во емисијата „Што не е јасно“ на ТВ Алфа ги сумираше активностите и остварувањата на новоформираното Министерство за спорт на крајот од годината и најави два големи проекти што ќе бидат во фокусот за наредната година.
-Сѐ она што беше наша обврска како ново министерство го исполнивме. Реализацијата на планираните капитални инвестиции ни е 100 процентна. Реализацијата на целокупниот буџет на Министерството за спорт е околу 98% што е сериозно висок процент. Според моите информации, Агенцијата за млади спорт никогаш немала поголема реализација на капитални инвестиции од 40-50%. Ова е стопроцентно остварување на сѐ она што сме го зацртале и сите оние средства коишто биле планирани за капитални инвестиции сме ги изреализирале. Тоа е сериозна бројка и јас како министер сум многу горд на тоа што го оствари Министерството за спорт во овие шест месеци, истакна Ристовски.
Од планираните активности за наредната 2025 година, Ристовски посочи дека во фокусот на Министерството за спорт ќе биде реализацијата на два големи инфраструктурни проекти – доградба на базените што беа почнати од поранешната Агенцијата за млади и спорт и изградба на неколку спортски сали.
-Во изминатиов период вршевме анализа на сѐ она што беше заостанато од Агенцијата за млади и спорт. Една од целите на Министерството за спорт за следната година ќе биде да се реши она што беше заостанато во изминатите години. Тука пред сѐ е долгогодишниот проблем со изградбата на базените во неколку општини. Овие базени се почнати од Агенцијата за млади и спорт пред пет-шест години и буквално не е ништо мрднато, недоградените базени стојат како црна дамка по општините. Во соработка со сите економски оператори ќе се обидеме да најдеме заеднички јазик и да ги завршиме базените до крајот на летото. Тоа е можеби малку преоптимистички од моја страна, меѓутоа, мора да постои позитивен притисок од Министерството за спорт кон економските оператори кои ги грдат тие базени.Тоа ќе биде еден од приоритетите, рече министерот Ристовски.
Втор приоритет на Министерството за спорт во однос на инфраструктурните проекти за 2025 година ќе биде изградба на неколку спортски сали низ цела Македонија.
-Сакаме да направиме типски, идентични сали во неколку градови, со капацитет од околу 1.500 гледачи, затоа што најголемиот дел од барањата од општините на локално ниво се токму тие и такви објекти. Имаме градови и општини каде што децата буквално немаат каде да држат часови по физичко, а не пак да зборуваме за професионален спорт. Тоа ќе ни бидат главните пориоритети за 2025 година – завршувањето на базените и изградба на четири до пет спортски сали во неколку градови, како и изградбата на една спортска сала за боречки вештини во општина Бутел. Таеквондото во моментов ни е олимписки спорт број еден во државата, ние мора да го почитуваме тоа и заедно со Македонската таекводно федерација да направиме нешто што ќе биде олимписки дом за боречки вештини, соопшти Ристовски.
Доградбата на базените планирано е да биде завршена во првата половина од годината, а изградбата на салите ќе се реализира во две фази.
-Базените се надевам дека ќе ги завршиме до крајот на летото. Во истиот период, некаде од февруар – март наредната година треба да почнеме со изградба на барем две спортски сали и во втората половина од фискалната година да почнеме уште 2-3 сали и да знаеме како да го планираме буџетот за наредната година. Мнистерството за спорт има капацитет и ќе настојуваме да се завршат колку што е можно повеќе работи. Инфраструктурата е дел од основните услови ако сакаме да бараме резултати, истакна министерот Борко Ристовски.
Министерство за спорт
________________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.