Ристески: Повеќе синдикати, подобар социјален дијалог и во корист на работниците
- -Видовте до кој степен не доведе праксата еден синдикат, 30 години. Еден синдикат подлежи и на политички протисок, а има има корист и потесното раководство, истакна Ристески.
Скопје, 8 јуни 2025 (МИА) - Претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) Марјан Ристески очекува наскоро да бидат донесени законските измени за репрезентативноста на синдикатите и да заседава Економско-социјалниот совет.
Како што изјави денеска, одговарајќи на новинарско прашање, застојот е голем и добро би било синдикатите и работадавачите сами да се договорат во однос на минималната плата, а не како во Србија, за неа да одлучува Владата.
Според Ристески, ако има повеќе синдикати, подобар ќе биде социјалниот дијалог и во корист на работниците.
-По наш предлог и дел од пратениците предложија закон по скратена постапка со кој ќе се намали репрезентативноста на синдикатите од 10 на 5 проценти. На тој начин повеќе синдикати ќе се вклучат. Овој потег што го направи Владата е добар и чекаме овие измени да поминат во Собрание. Се надевам тоа ќе се случи оваа недела и тогаш ќе се види уште кои синдикати се репрезенатитивни. Имаме голем застој. Да не се случи тоа што го кажа колегата од Србија, претставникот на Самостојниот синдикат за занаетчиство, услуги и претприемништо од Република Србија Синиша Костиќ, ако ние како синдикати и работадавачи не се договориме, најверојатно и Владата ќе го примени тој метод како кај нив, таа да ја определува минималната плата, рече Ристески по потпишувањето на Меѓународниот договор за деловна соработка со Самостојниот синдикат за занаетчиство, услуги и претприемништо од Република Србија.
Законски, потсети, двете страни треба да се договорат меѓу себе.
-Се надевам дека сега кога ќе има повеќе синдикати, ќе биде поинаква атмосферата и дека конечно ќе донесеме минимална плата која ќе ги задоволува потребите, нагласи Ристески, додавајќи дека треба да се настапи со аргументи и факти за минималната плата.
Тој најави дека КСОМ ќе побара што побрзо да се донесе и Законот за работни односи за да се регулира особено делот на времени вработувања од пет години.
-Апелираме и до Владата да изврши малку поголем притисок до работадавачите за побрзо да го донесеме Законот за работни односи, работникот да си добие постојан работен однос и тука да ја гледа својата иднина, истакна Ристески.
Прашан како ја гледа дебатата во Собранието за Економско-социјалниот совет, Ристески порача прво да се оформи тој совет и во него да влезат повеќе синдикати.
- Кога ќе дојде точката за зголемување на минимална палата, кога ќе дојдат закони кои се во интерес на работниците, тука е јавноста, медиумите, тогаш ќе видиме како ќе реагираме. Да не прејудицираме однапред. Ако има повеќе синдикати, подобар ќе биде социјалниот дијалог и во корист на работниците. Видовте до кој степен не доведе праксата еден синдикат, 30 години. Еден синдикат подлежи и на политички протисок, а има има корист и потесното раководство, истакна Ристески.
Одговарајќи на новинарско прашање, претставникот на Самостојниот синдикат за занаетчиство, услуги и претприемништо од Република Србија Синиша Костиќ рече дека минималната плата во Србија во моментов е 55 500 динари или околу 480 евра. Појасни дека за неа би требало да преговараат Владата на Србија, Унијата на работадавачи и синдикатите, но во последно време, како што рече, стана пракса Владата на Србија да ја одредува минималната плата едноставно кога не можат да се договорат Унијата на работодавачи и синдикатите. Додаде дека минималната плата е доста зголема во изминатите 15 години. Потрошувачката кошничка во Србија е околу 65 илјади динари. мд/мч/
Фото: МИА архива