• понеделник, 23 декември 2024

Ретроспектива на филмови снимени од кинематографери лауреати на ИФФК „Браќа Манаки“

Ретроспектива на филмови снимени од кинематографери лауреати на ИФФК „Браќа Манаки“

Скопје, 28 јануари 2024 (МИА) - Во пресрет на 45-ото издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ и 50-годишниот јубилеј на Кинотеката, во наредните неколку месеци ИФФК, Кинотеката и Центарот за култура Битола ќе организираат ретроспектива на култни филмови чии кинематографери се досегашни лауреати на „Браќа Манаки“.

Кинотека соопшти дека секоја среда од 20 часот ќе прикажува филмови од ретроспективата „Великаните на Браќа Манаки“, а во Центарот за култура Битола овие проекции ќе бидат секој понеделник од 20 часот. 

Ретроспективата ќе почне на 7 февруари со филмот „Персона“ од 1966 година на шведскиот кинематографер Свен Никвист, двоен оскаровец и добитник на првата награда Златна камера 300 за животен опус на ИФФК „Браќа Манаки“ откако фестивалот доби меѓународен карактер во 1998 година. Режисер на филмот е Ингмар Бергман - постојаниот соработник на Никвист.

Вториот филм од ретроспективата ќе биде прикажан на 14 февруари - „Париз, Тексас“ од 1984, снимен од холандскиот кинематографер Роби Милер, добитник на Специјалната златна камера 300 за посебен придонес на светската филмска уметност во 2002 година и Златна камера 300 за животен опус во 2016 година. Режисер на филмот е Вим Вендерс, постојаниот соработник на Милер.

Третиот филм е „Гоемиот Лебовски“ од 1998 на британскиот кинематографер Роџер Дикинс кој ќе биде прикажан на 21 февруари.  Дикинс е двоен оскаровец, добитник на Златната камера 300 за животен опус во 2018 година. Режисери на филмот се постојаните соработници на Дикинс, браќата Џоел и Итан Коен.

Последен филм од ретроспективата во февруари ќе биде „Влези во приказната“ на 28 февруари. Филмот е снимен од белгискиот кинематографер Беноа Деби, добитник на Златна камера 300 во 2010 година токму за кинематограферската работа на овој филм. Режисер на филмот е Гаспар Ное, постојаниот соработник на Деби.

-Она што ќе го прикаже Кинотеката во февруари изобилува со квалитет. Сè е на рамништето на 50-годишниот јубилеј на институцијата, соопшти Кинотеката. хс/вј/ 

Фото: МИА архива 

 

 

Остани поврзан