• среда, 13 ноември 2024

Реконструкција на спортската сала во ООУ ,,Мирче Ацев“ во општина Ѓорче Петров

Реконструкција на спортската сала во ООУ ,,Мирче Ацев“ во општина Ѓорче Петров

Скопје, 3 октомври 2023 (МИА) - Со менување на подот во училишната спортска сала кој ќе биде заменет со нов гумиран под, бојадисување на салата, но и молерисување на ходникот и кабинетот на наставникот по физичко образование денеска стартуваше реализација на проектот „Санација и опремување на спортска сала во ООУ „Мирче Ацев“.

Општина Ѓорче Петров во соработка со Министерството за образование и наука денеска ги започна градежните работи за репарација на училишната сала каде неопходно беше да се санираат дотраените елементи.

Ова е прв чекор од проектот, информираат од Општина Ѓорче Петров и додаваат дека во втората фаза, училишната сала ќе биде опремена со нови спортски реквизити.

Увид во градежните работи денеска изврши градоначалникот Александар Стојкоски, кој истакна дека ова е уште еден чекор кон подобрување на условите во училниците и салите.

-Децата мора да имаат соодветни материјали за работа, но и за спортување. Само така создаваме здрави и спортски генерации и само така им ја всадуваме љубовта кон физичкото образование уште од најрана возраст, рече Стојкоски.

Проектот на МОН опфаќа рехабилитација на 10 објекти за физичко образование за основни и средни училишта. дма/нд/

Фото: Општина Ѓорче Петров 

Остани поврзан