• петок, 05 декември 2025

Регионален форум на УНФПА и Министерството за здравство: Превенција од рак на грлото на матката - ХПВ вакцина, ПАП тест и скрининг

Регионален форум на УНФПА и Министерството за здравство: Превенција од рак на грлото на матката - ХПВ вакцина, ПАП тест и скрининг

Скопје, 1 октомври 2025 (МИА) - Вакцинирање за ХПВ, редовен ПАП тест и скрининг можат да превенираат рак на грлото на матката или да помогнат за рано откривање на болеста. Од 2017 до 2023 година со овој тип на карцином во Македонија се дијагностицирани 2630 жени, а според податоците од Националниот дигитален систем „Мој термин“, 39 отсто од нив биле под 50 годишна возраст. Во нашата земја една жена умира од рак на грлото на матката секоја недела, а кај три жени се дијагностицир болеста. Ракот на грлото на матката е втор најсмртоносен рак кај жените на  репродуктивна возраст во Источна Европа и Централна Азија. 

Ова се дел од податоците што беа истакнати на 5. Годишен форум на Регионалната алијанса за превенција на рак  на грлото на матката во Источна Европа и Централна Азија што се одржува во Скопје во организација на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) во соработка со Министерството за здравство.  

Повеќе од 90 отсто од случаите со рак на грлото на матката се превентивни преку добро организиран скрининг на грлото на матката, третман на предканцерозни состојби и програми за вакцинација против ХПВ, вирусот што ги предизвикува повеќето видови на рак на грлото на матката. Сепак, 32.000 жени сѐ уште се дијагностицираат со рак на грлото на матката во  регионот секоја година, а 16.000 умираат. Според податоците на УНФПА, во Северна Македонија, како последица на рак на грлото на матката годишно умираат 50 до 60 жени, а околу 170 се дијагностицираат. Ракот на грлото на матката носи висока  емоционална, социјална и финансиска цена за жените, нивните семејства и националните здравствени системи. 

Претседателката на Националната комисија за рано откривање и превенција на ракот на грлото на матката и директорка на Универзитетската клиника за гинекологија Ирена Алексиоска Папестиев во изјава за МИА вели дека во согласност со европските препораки за подобрување на скринингот е направена пилот студија за ХПВ базиран скрининг и првите резултати, коишто беа презентирани на форумот на Алијансата, покажуваат дека се оправдува зајакнување и подобрување на ХПВ базираниот скрининг на цервикалниот карцином, но дека за тоа е потребна поддршка од Министерството и од Владата. 

- Она што можам гордо да кажам е дека од лани во мај 2024 година ја импементиравме деветовалетната вакцина и тоа примарната превенција. Најдобро е нештото да го превенираме место да го лечиме и веќе е одобрена и за момчиња и за девојчиња и го проширивме периодот на примање од 12 до 19 години. Влезена е во националната програма и тука можам да кажам дека ние во регионот имаме доста добра покриеност односно веќе достигнавме околу 60 отсто, рече д-р Алексиоска Папестиев. 

Зборувајќи за стапката на болни од рак на грлото на матката таа рече дека според последните податоци од студијата „Матка“, објавена од страна на Институтот за епидемиологија за периодот од 2017 до 2023 година, 2630 пациенти биле дијагностицирани со овој тип на карцином.

- Најголем пик имало 2018 со 440, а во 2023 имало околу 320 пациенти потврдени со цервикален карцином. Но, она што загрижува е што во последно време што и во самата студија која што претставува обработување на податоците од Националниот дигитален систем „Мој термин“, значи кај се помлади пациенти се детектира односно 39 отсто од пациентите се под 50 годишна возраст. Тоа значи дека токму кај репродуктивно активното население се детектира најмногу, посочува докторката. 

Втората работа што загрижува, нагласува, е дека кај голем број жени ракот се дијагностицира во напреден стадиум, кога веќе се лимитирани можностите за третман и е полоша прогнозата.

- Затоа целта на Комисијата за рано откривање и превенција од цервикален карцином е да се зајакне скрининг методот којшто во моментот е базиран на испитување со пап тест. Значи секоја жена од 24 до 60 години има право на бесплатен ПАП тест еднаш на три години. Но, интересот е се уште под 30 отсто од оние жени кои би требале да бидат сктинирани. Лани постигнавме покриеност на скринираното население околу 64.000 пациентки, што значи дека е под 30 отсто од популацијата што треба да биде скринирана, вели д-р Алексиоска Папестиев.

Со цел да бидат подобро информирани жените и населението се организираат поголем број на кампањи и се укажува на важноста на зајакнување на скрининг методите, на зголемување на процентот на вакцинирани жени и она што е многу важно воведување на централен регистар каде што ќе бидат следени сите овие пациенти.

-Мислам дека со сите овие методи ние ќе се доближиме до онаа стратегија за елиминирање на цервикалниот карционом нод СЗО - таргет 90 отсто од пациентите да бидат вакцинирани, 70 скринирани и на тој начин 90 отсто ќе бидат навремено третирани, посочува таа.      

Регионалната алијанса за превенција на ракот на грлото на матката во Источна Европа и Централна Азија во Скопје го организира 5-тиот годишен форум. На тридневниот настан во организација на УНФПА во соработка со Министерството за 
здравство на Северна Македонија, обединува повеќе од 100 претставници од целиот  регион, вклучувајќи претставници од влади, институции за јавно здравје, академската заедница, граѓанскиот и приватниот сектор. Форумот има за цел да се надоврзе на петгодишниот напредок и да ги забрза колективните напори за елиминирање на ракот на грлото на матката.

Директорка на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија Флоренс Бауер, која деновиве престојува во Скопје, на отворањето на конференцијата рече дека целта е елиминација на ракот на грлото на матката како закана за јавното здравје во нашиот регион.

-Во време кога докажаните медицински интервенции сѐ повеќе се доведуваат во прашање, поважно од кога било е да се обединиме, да ја зацврстиме довербата во здравствените институции и да ги забрзаме акциите. Искоренувањето на ракот на грлото на матката е на дофат, но мора да го подобриме пристапот до вакцинација, да го прошириме исплатливиот скрининг и да обезбедиме навремено лекување, за да  ниту една жена не умре непотребно, нагласи Бауер. 

Од оваа година на 17 ноември ќе се одбележува Светскиот ден за елиминација на ракот на грлото на матката, кој според неа, ќе биде ден силен потсетник за заложбите и можностите за зајакнување на нашата колективна акција. 

Значителен напредок во регионот кон елиминирање на ракот на грлото на матката како јавен здравствен проблем е постигнат во последните години со поддршка на Регионалната алијанса. Целта е, како што посочуваат од УНФПА, да се достигнат таргетите поставени од Светската здравствена организација (СЗО) односно 90 проценти од девојчињата да се вакцинираат до 15-годишна возраст, 70 проценти од жените да бидат прегледани и 90 проценти од 
заболените жени да добијат третман.

-Вакцината против ХПВ е вклучена во националните календари за имунизација во 14 од 17 земји во регионот. Стапките на покриеност со вакцинација се во пораст и веќе ја надминаа целта од 90 проценти во две земји (Туркменистан и Узбекистан). Некои земји ја воведоа вакцината и за девојчињата и за момчињата. Повеќето земји имаат национални упатства за скрининг на рак на грлото на матката (15 од 18 земји и ентитети), посочуваат од УНФПА. 

Регионалната алијанса усвои „Повик за акција“ во 2023 година, што вклучува приоритизирање на превенцијата односно  зголемување на програмите за вакцинација против ХПВ и обезбедување универзален пристап до ефективен 
скрининг, градење на национални капацитети, зајакнување на институционалните способности и развивање на локална експертиза во напорите за превенција, зголемување на пристапот и достапноста односно поттикнување на партнерства со приватниот сектор за намалување на трошоците и бариерите за пристап до технологии и производи што спасуваат животи. 

Регионалната алијанса е формирана од страна на Регионалната канцеларија на  УНФПА за Источна Европа и Централна Азија во 2021 година. Таа е регионално координативно тело што обединува креатори на политики, медицински експерти, 
компании од приватниот сектор и меѓународни организации за соработка, споделување на знаење и спроведување на Регионалната стратегија на УНФПА за елиминирање на ракот на грлото на матката како јавен здравствен проблем во регионот во согласност со Глобалната стратегија за забрзување на елиминацијата на ракот на грлото на матката како јавен здравствен проблем. ев/са/

ФОТО: МИА/УНФПА

Остани поврзан