„Регенерација“ – изложба на Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска во КИЦ Белград
- Македонскиот КИЦ во Белград вечер ќе биде домаќин на изложбата „Регенерација“ на која ќе се претстават три афирмирани претставнички на современата македонска ликовна уметност, Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска.
Белград, 4 јули 2025 (МИА) - Македонскиот КИЦ во Белград вечер ќе биде домаќин на изложбата „Регенерација“ на која ќе се претстават три афирмирани претставнички на современата македонска ликовна уметност, Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска.
Како што најави КИЦ-Белград, обединувачки лајтмотив на нивната заедничка ликовна концепција се рефлексиите врз уметникот како индивидуа, во годините на колективен и личен страв од непознатото, во не така дамнешните години на владеење на пандемијата од коронавирусот.

-Преку исклучително оригинални ликовни решенија, трите македонски ликовни уметници ги изразуваат сопствените анатомии на стравот, мапите на личниот отпор кон сите ограничувања на личните слободи и права, како и траекториите на личните процеси на свое целосно регенерирање и враќање кон нормалните и вообичаени правила и стандарди на живеење. Со заедничката ликовна концепција наречена „Регенерација“, Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска упатуваат јасно предупредување и порака да не се предаваме на културата на заборавање, но и во сопствените регенерации низ сите животни процеси и предизвици, да ги имаме културата и уметноста како свои упоришта и сигурни прибежишта, соопшти Македонскиот КИЦ во Белград.

Изложбата е финансирана од Министерството за култура и туризам, ќе биде отворена од директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров, а белградската публика ќе има прилика да ја посети до 9 јули. хс/са/
Фото: Македонскиот КИЦ во Белград