• петок, 22 ноември 2024

Реакција од НВО „Станица П.Е.Т“ и „Аваја“ од Прилеп за инцидент на градскиот базен

Реакција од НВО „Станица П.Е.Т“ и „Аваја“ од Прилеп за инцидент на градскиот базен
Прилеп, 25 јуни 2021 (МИА) - Невладините организации од Прилеп  „Станица П.Е.Т“ и „Аваја“ обвинуваат дека во Прилеп се случил инцидент на дискриминација. Според Цингис Бериша од овие невладини организации, на група Роми во текот на вчерашниот ден не им било дозволено да ги користат услугите на градскиот базен во спортско-рекреативниот комплекс „Маркови Кули“. Тие го документирале случајот и најавуваат преставки и реакции. - Имаше видеа за инцидентот на социјалните мрежи. Кога го документиравме случајот, станува збор за Ромите, ни изјавија дека не сакале да ги пуштат, а станува збор за околу 50-ина лица, но револтот настанал кога други граѓани дошле и без проблем ги пуштиле потоа. Ние ја собираме документација и ќе поднесме преставка до комисијата за спречување и заштита од дискриминација и ќе поведеме судска постапка. Недозволиво е да има дискриминација и селекција, посебно за користење јавни услуги, вели Бериша. Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, владата  и локалната власт безрезервно се посветени на концептот за градење едно општество за сите. Општество во кое сите граѓани се еднакви пред Уставот и законите. Недозволиво е, подвлече, во градот и во државата да има дискриминација, и ги повикува заедниците на заедништво, емпатија и солидарност и да се преземат мерки. - Живееме во демократско општество во кое човековите права и слободи, еднаквоста на сите граѓани, се негови основни постулати. Од тие причини, сите оние на кои им било скратено правото да ги користат услугите на овој или било кој друг спортско-рекреативен објект, на било која друга институција или организација, ги охрабрувам да ги преземат сите законски мерки и да поднесат претставки до институциите кои се задолжени за почитување на правата на граѓаните и нивна заштита од дискриминација. Тука првенствено мислам на Народниот правобранител и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, изјави Јованоски. Сопственикот на спортско-рекреативниот центар „Маркови кули“ Борис Темоски категорично ги отфрла сите инсинуации за дискриминација. Нагласува дека сите граѓани може да ги користат услугите, без разлика на вера и нација, но мора да се почитуваат сите правила и прописи, истакнати јавно, посебно во ковид-ситуација. Според него, инцидент направиле само четири лица. - Не станува збор за дискриминација. Вчера, во верски празник, имаше многу посетители, а според мерките треба 50 насто од капацитетите да бидат полни. Се бараше да се почека по два часа, а инцидентот го направија четири лица. Услугите мора да се користат според правилата: соодветно облечени, хигиената на високо ниво и без нарушување на јавниот ред. Не станува збор за дискриминација зашто за сите сме отворени, изјави Темоски, додавајќи дека пред два дена имале жалба поднесено до полицијата за одредени лица кои го нарушувале јавниот ред и мир. Невладините, освен преставката до комисијата и поведувањето судски случај, најавуваат и мирен протест за инцидентот. ем/цр    

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан