• недела, 22 декември 2024

Реакција на филателистите за грешката со поштенската марка

Реакција на филателистите за грешката со поштенската марка
Скопје, 10 мај 2020 Пресвртен момент за филателијата? Емисијата/изданието на поштенската марка од пред два дена која во име на нашата држава од страна на А.Д. „Пошта на Северна Македонија“ со историски карти на профашистичката Независна Држава Хрватска оправдано предизвика огорченост во пошироката јавност во земјата и во регионот, но и кај филателистите во овие земји. Како долгогодишни филателисти и членови на Сојузот на филателистите на Македонија потписниците на овие редови сметаат за потребно да ја искажат својата убеденост дека со ова издание на „Пошта на Северна Македонија“ му се нанесува непроценлива штета на угледот на македонската филателија и на државата во целост, бидејќи поштенските марки се еден од симболите на институционалниот систем на секоја држава. Со овој потег на Поштата нашата држава неосновано е доведена во судир со повеќе соседни пријателски држави, а во историјата се познати и меѓународни спорови и дури воени судири меѓу земји кои биле засегнати од претставување на туѓи територии на поштенски марки. Пропусти во издавањето на наши марки имало и порано со избор на теми и личности од страна на најодговорните. За некои од нив доаѓало и до интервенции на странски амбасади (да го споменеме само случајот со Руската федерација), но актуелниов инцидент е далеку посериозан и може да има долгорочни последици. Затоа неoдложно мора да постои и соодветна одговорност сѐ до највисоките позиции на ова акционерско друштво за во иднина да немаме вакви и слични инциденти. Издавањето на поштенски марки во име на една држава е многу сериозна и одговорна дејност. Со овој инцидент ѝ се нанесува огромна штета и на позицијата на самата Пошта, но и на Сојузот на филателистите на Македонија кој деновиве ја одбележува својата 70-та годишнина од основањето во 1950 година. Сите наши досегашни успеси како членови на Европската и Светската федерација на филателисти, се доведени во прашање кога во нашата земја е отпечатена поштенска марка со карти од војната во која нацизмот и фашизмот се обидуваа да создадат нехуман, антицивилизациски поредок во Европа. Со овој инцидент настанат како резултат на нестручност, незнаење и неодговорност на најодговорните за ова издание се доведоа во прашање и сите наши презентации на филателистички збирки и стручни осврти за македонската филателија и за државата на меѓународен план и нашите идни учества на меѓународните филателистички изложби и собири. Македонските филателисти во изминатите децении пред јавноста и пред надлежните постојано сигнализираа за проблемите, недостатоците, како и за потребните корекции и осовременување на издаваштвото на поштенските марки во нашата земја. Воедно, актуелната поставеност на Бирото за филателија (а треба Биро за издавање на поштенски марки), составот на извршителите во него и улогата на Советот за издавање на поштенските марки сметаме дека придонесоа за повеќекратни пропусти и деградација на филателијата во и на Македонија. Кај нас неосновано се изедначија функцијата (државна) на издавање на поштенски марки и филателијата (колекционерството), при што извршителите во државниот орган станаа дел од политичките комбинаторики за алиментирање на јавната админстрација, без продлабочени сознанија за филателијата, како одраз на издавањето на поштенската марка – еден од симболите на државниот систем. И овде треба да се напомене дека поштенската марка излегува на меѓународната сцена како лик на државата, нејзините природни, материјални и човечки ресурси, културата, науката, спортот... Затоа загрижува и фактот дека од 2007 година до денес во Советот за издавање на поштенски марки не е застапен активен филателист, како што недостасуваа стручност и експерти од области кои поштенската марка ги афирмира. Поштенската марка треба да биде јасен производ на ликовно графичка уметничка обработка - минијатурна уметничка творба на една држава. Оваа наведена ситуација со актуелната состојба во издавањето на поштенските марки на нашата држава индицира потреба од целосна реорганизација на оваа служба. Климе Поповски Виктор Габер _______________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки  

Остани поврзан