• четврток, 05 декември 2024

Реакција на Прва детска амбасада во светот Меѓаши во врска со случајот од Челопек

Реакција на Прва детска амбасада во светот Меѓаши во врска со случајот од Челопек

Скопје, 4 декември 2024 

Со длабока загриженост и осуда реагираме на неодамнешниот инцидент каде деца беа вклучени во училишна приредба облечени во воени симболи и со пушки во раце.

Вклучувањето на деца во настани каде што се глорифицираат оружјето и милитаризмот е сериозен показател за општествениот пристап кон воспитувањето. Наместо да се промовира мир, ваквите активности поттикнуваат нормализација на насилството и создаваат искривена перцепција за моќ.  Ова претставува неприфатливо нарушување на правата на детето и етичките стандарди кои треба да ги водат сите активности во воспитно образовниот систем.

Во контекст на образованието, секој ученик има право да се развива во здраво и безбедно опкружување, слободно од било какви форми на насилство и војна. Училиштата имаат клучна улога во формирањето на вредностите кај децата. Наместо демонстрација на сила и оружје, потребно е преку наставата и активностите да се укаже на последиците од конфликтите – бројот на жртви, траумите и влијанието на војните врз семејствата. Мировното образование, ненасилната комуникација, мир и соработка се вредности кои се од суштинско значење за создавање емпатични, солидарни и одговорни граѓани.

Приредбите кои се изведуваат во училиштата не смеат да поттикнуваат насилство, идеолошки поделби, ниту да се користат воени симболи или реквизити кои можат да имаат негативно влијание на развојот на децата. Наставниците, како модели на однесување за децата, носат огромна одговорност за пораките што ги испраќаат. Организирањето приредби кои го глорифицираат оружјето ги индоктринираат децата и испраќаат порака дека тоа е нормално: да се носи оружје. Последиците од таквиот пристап во воспитно образовниот систем се јасни, тука нема место за разбирање, соработка, емпатија... Наместо тоа, институциите треба да им објаснат на учениците за последиците од воените конфликти и значењето на мирот. Каква порака испраќаме на децата и на општеството кога оружјето се прикажува како дел од забавата?

Во Конвенцијата за правата на децата, која што ја имаме усвоено како држава, издвојуваме:

„Во член 29, Државите членки се согласни дека образованието на детето треба да биде насочено кон:

(а) Целосен развој на личноста на детето и развојот на надареноста, менталните и физички способности.

(б) Унапредување на почитувањето на правата на човекот и темелните слободи, како и почитувањето на принципите содржани во Повелбата на Обединетите нации.

(г) Подготвување на детето за одговорен живот во слободно општество, во дух на разбирање, мир, толеранција, еднаквост на половите, и пријателство меѓу сите народи, меѓу етничките, националните и верски групи и лица од автохтоно потекло.

Образовниот процес треба да се фокусира на вредностите на мир, толеранција, почитување на различностите и изградба на свесни, одговорни и хумани личности. Вклучувањето на деца во активности кои се во контекст на воената идеологија или насилство е неприфатливо и штетно за нивниот развој.

Министерството за образование и наука, Државниот просветен инспекторат, Бирото за развој на образование под итно треба да реагираат не само во ова туку во секое училиште каде ваков проблем се појавува, без селективност во секој поглед и без разлика на каков јазик се учи во училиштата! Апелираме и до сите други надлежни институции, наставници и родители, раководните кадри во училиштата, да не дозволуваат милитаризацијата и воениот наратив да навлезат во воспитно-образовниот процес, да бидат свесни за последиците од ваквите активности, дека нормализирањето на носењето оружје може да ја намали чувствителноста на децата кон насилни ситуации и дека концептот на ,,заштита од другиот“ може да поттикне недоверба и анксиозност. Наместо децата да се учат на развој на доминација и конфликт, да ги учиме да развиваат емпатија и мир, наместо поттикнување на моќ преку покажување сила, да им овозможуваме социјализација со ненасилни форми на однесување, да ги заштитат децата од било какви влијанија кои можат да го нарушат нивното емоционално и психолошко здравје.

Да не дозволиме да се повтори ваква ситуација! Сите заедно треба да работиме на изградба на безбедно, мирно и позитивно опкружување за нашите деца.

Имајќи предвид дека ова не е осамен случај, за жал училиштата сѐ почесто стануваат мета на најразлични форми на негативни влијанија, сѐ поевидентни стануваат потребата и  неопходноста од фокусирање на училиштата и целиот воспитно образовен систем во насока на воспитување во чија основа ќе бидат вредностите на ненасилното однесување и градењето култура на мир од најрана детска возраст.

На крајот, а не помалку важно, освен понесување на одговорност, потребно е се поттикне поширока општествена дебата за тоа како училиштата влијаат врз градењето на мирољубива иднина и кои се чекорите кон одговорно и вредносно поставено образование.

Прва детска амбасада во светот Меѓаши – Република Македонија

_____________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото МИА архива

Остани поврзан