• четврток, 26 март 2026

Реакција на Лекарската комора за случајот во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски” – Битола

Реакција на Лекарската комора за случајот во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски” – Битола

17 јули 2025

Во врска со случајот во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски” – Битола, каде што докторка е осомничена за примање поткуп, Лекарската комора изразува длабока загриженост и најостро го осудува секое незаконско и неетичко постапување, особено кога тоа доаѓа од здравствен работник.

Комората, како регулаторно тело кое се грижи за угледот и интегритетот на лекарската професија, истакнува дека не треба да се толерираат никакви девијантни појави што го нарушуваат принципот на чесност и доверба меѓу пациентите и лекарите.

Лекарската комора во целост ги поддржува институциите на системот во нивната работа за расчистување на овој случај и очекува навремена и транспарентна истрага. Постапката пред надлежните органи треба да ги утврди сите факти и да обезбеди соодветна одговорност.

Сакаме да нагласиме и дека се работи за индивидуален чин кој не ја одразува посветеноста и професионалноста на најголемиот број лекари во нашата земја кои секојдневно со пожртвуваност и етички пристап се грижат за здравјето на граѓаните, некогаш работејќи и во предизвикувачки услови.

Исто така, апелираме да се почитува начелото на презумпција на невиност, сè додека не се донесе правосилна судска одлука.

Веруваме дека само со заеднички напори на сите институции во согласност со нивните надлежности, можеме да изградиме здравствен систем во кој владеат етиката, професионализмот и довербата.

Лекарска комора на РС Македонија

______________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Остани поврзан