• петок, 05 декември 2025

Реакција на Арсовска: Жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП Водовод и канализација-Скопје

Реакција на Арсовска: Жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП Водовод и канализација-Скопје

Скопје, 5 јули 2025 (МИА) - Жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП Водовод и канализација - Скопје туку се корисници на вода од општинското претпријатие ЈКП Гази Баба, која добива вода од  РЖ услуги, соопшти градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.

Нејзината објава на Фејсбук е реакција на денешната објава од градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, кој на социјалните мрежи наведе дека населените места Црешево, Смилковци, Маџари, Железара, Автокоманда и Ченто се без вода за пиење и побара итна интервенција од ЈП „Водовод и канализација“ и Град Скопје.

Стефковски најави дека „во спротивно, ќе ги поддржи граѓаните во преземање на сите демократски методи“ и можеби организирање протести.

-Уште не знаеш што е твоја работа, а што на градот.  Жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП Водовод и канализација - Скопје. Црешево и Смилковци се корисници на вода од ЈКП Гази Баба која добива вода од  РЖ услуги. Како вие добавувате вода од РЖ услуги, по која цена и потоа како ја наплаќате од жителите е дополнително мистериозно прашање, пишува во ФБ-објавата на Арсовска пренесена од прес-службата на Град Скопје. 

Стефковски претходно реагираше дека изминатите денови „состојбата е крајно загрижувачка“ зашто повеќе населени места: Црешево, Смилковци, Ченто, Автокоманда, Железара и Маџари „се оставени без основна човекова потреба – вода за пиење“. хс/aa/ 

Фото: МИА архива 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан