• петок, 22 ноември 2024

Раст на бројот на баратели на азил во јуни во ЕУ за 25 отсто на годишно ниво

Раст на бројот на баратели на азил во јуни во ЕУ за 25 отсто на годишно ниво

Брисел, 24 септември 2023 (МИА) - Во јуни 2023 година во земјите на ЕУ барања за азил првпат поднеле вкупно 83.385 државјани на земји што не се членки на Унијата, што претставува зголемување за 25 отсто во споредба со истиот месец лани, кога биле регистирирани 66.845 барања за меѓународна заштита, покажуваат податоците на Европската статистичка служба – Евростат.

Во исто време, биле регистирани и 5795 апликации од лица чии барања за азил претходно биле одбиени, што претставува намалување за девет проценти  на годишно ниво од 6365-те вакви баратели во јуни 2022 година.

Како и претходните месеци и во јуни, најголемиот број баратели на азил или  13.150 потекнуваат од Сирија, по што следуваат Авганистанците  со 7775 апликации, Венецуелците со 6925 и Колумбијците со 6165. Меѓу оние кои првпат аплицирале за азил во ЕУ имало и 1065 државјани на Украина.

Најмногу барања за азил биле поднесени во Германија и тоа 23.190, по што следуваат Шпанија со 16.075, Франција со 12.475 и Италија со 10.730. Во овие четири земји се поднесени 75 отсто од вкупниот број апликации за азил.

Гледано пак по глава на жител, на ниво на ЕУ оваа стапка изнесувала 0,186 апликации за азил на 1000 жители. Најголема стапка на баратели на азил пер капита имало на Кипар од 0,799 апликации на 1000 лица, пред Австрија со 0,519 барања на 1000 жители. Од друга страна, најниска стапка има во Унгарија од само 0,0004 апликанти на 1000 лица.

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, меѓу барателите на азил во јуни 2023 година биле и 2975 малолетници без придружба. Од нив, 980 биле од Сирија, а 910 од Авганистан.

Најголем број апликации за азил од малолетници без придружба биле поднесни во Германија – 805, по што следува Австрија со 570 и Холандија со 445 барања. сп/рп/

Остани поврзан