• недела, 22 декември 2024

Распуштената тајландска прогресивна опозициска партија „Напред“ повторно се конституира под името Народна партија

Распуштената тајландска прогресивна опозициска партија „Напред“ повторно се конституира под името Народна партија

Бангкок, 9 август 2024 (МИА) - Само два дена откако Врховниот суд на Тајланд ја распушти најголемата тајландска опозициска партија „Напред“, денеска таа повторно беше основана под ново име „Народна партија“, јавија американските медиуми.

Партијата соопшти дека ќе ја продолжи својата борба за реформи и покрај постапките на конзервативните пратеници кои ја соборија од власт и покрај победата на изборите минатата година, додадаваат американските медиуми.

Партијата беше најголемата парламентарна сила додека Уставниот суд не ја распушти пред некој ден поради нејзината програма за измени на строгиот закон со кој се казнуваат навредите на круната.

Дополнително, на раководството на досегашната партија „Moving Forward“, предводено од до неодамна лидерот Пита Лимчароенрат, му е забранета политичка активност во период од десет години.

Партијата „Напред“ на минатогодишните парламентарни избори освои најмногу места во Претставничкиот дом (Долниот дом на парламентот на Тајланд), но конзервативните сенатори назначени од војската гласаа против кандидатот за премиер на партијата.

Пратениците од распуштената партија кои не се суспендирани од политиката можат да го задржат своето место во Народното собрание доколку се приклучат на друга партија во рок од шеесет дена. „Напред“ има 148 пратеници, а пет од нив веќе добија забрана за политичка активност.

Во својот говор на денешното конститутивно собрание, парламентарецот Парит Вачарасиндху рече дека новата партија ќе се вика Народна партија бидејќи е „партија на народот и за народот и дека ќе работи за Тајланд каде апсолутната власт му припаѓа на народот“.

Тој најави пет нови членови на извршниот комитет, меѓу кои и новиот партиски лидер,  37-годишниот експерт за информатичка технологија Натафонг Руенгапанјавут.

-„Народната партија“ си постави амбициозна цел да освои доволно пратенички места за да формира еднопартиска влада на парламентарните избори во 2027 година, рече Руенгапанјавут.

Тој додаде дека и новата партија ќе продолжи да се бори за измена на членот 112, познат и како навреда на круната (еден од најтешките во светот), но ќе постапува повнимателно, забележуваат британските медиуми. За прекршителите на законот се предвидени и до 15 години затвор.

„Предлагаме да се измени членот 112, за да се гарантира дека законот не е политичко средство што се користи за злоупотреба“, рече новиот партиски лидер, цитиран од британските медиуми.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан