Распишан конкурс за најубав кириличен испис на фестивалот „Јаков од Камена Река“
- Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“ од Македонска Каменица и годинава го распиша традиционалниот конкурс за избор на најубав кириличен испис со краснопис на македонски јазик.
Македонска Каменица, 16 септември 2025 (МИА) – Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“ од Македонска Каменица и годинава го распиша традиционалниот конкурс за избор на најубав кириличен испис со краснопис на македонски јазик.
Целта на конкурсот е афирмација и негување на македонскиот јазик, кириличното писмо и уметноста на краснописот како дел од културното наследство и идентитет.
Организаторите ги повикуваат љубителите на убавиот збор и пишување да испратат свои творби и да дадат придонес во зачувување на оваа уметност.
-На конкурсот можат да учествуваат дела со куси текстови, стихови или поговорки, напишани со краснописни букви и прибор (мастило, перодршка, пердув, четка и слично) на формат А4. Работите треба да се достават во дигитален формат (pdf или jpg) на е-маил адресата: jakovfestival@gmail.com; со назнака „За конкурс за краснопис“, најдоцна до 31 октомври 2025 година, информираа од организациониот одбор на фестивалот.
„Да ја негуваме убавата мисла и збор, македонскиот јазик и кирилица, убавото пишување – краснописот,“ порачаа од ,,Јаков од Камена Река" по повод конкурсот. вс/мд/
Фото: Фестивал „Јаков од Камена Река“