Распишан конкурсот за стрип наградата „Лифт“ за 2022
- -Право да конкурираат за наградата имаат сите граѓани на Република Северна Македонија кои ќе ни испратат сопствени досега необјавувани авторски стрипови, до 16 табли (или страници). Значи, по
Скопје, 23 септември 2022 (МИА) - Издавачката куќа „Темплум“ годинава по петти пат го распишува конкурсот за македонски стрип „Лифт“.
-Право да конкурираат за наградата имаат сите граѓани на Република Северна Македонија кои ќе ни испратат сопствени досега необјавувани авторски стрипови, до 16 табли (или страници). Значи, почитувани автор(к)и, можете да ни испраќате и стрипови од една или две страници, но не повеќе од 16 страници, информираат од издавачката куќа „Темплум“.
Наградниот фонд изнесува 500 евра, но во книги и стрипови. Фондот со свои изданија го обезбедија издавачките куќи „Темплум“ и „Бункер“. Предвидени се три награди: од 250, 150 и 100 евра.
Жирито го сочинуваат Јана Јакимовска, Владимир Трајановски и Никола Гелевски.
Стриповите треба да бидат испратени скенирани, по електронска пошта, до 1 ноември 2022 година, на stripnagradalift@gmail.com
-Целта на наградата е да ги промовира и афирмира овдешните стрип автор(к)и, но и да го унапредува стрипот како (кај нас запоставен) медиум. Втора важна цел е да придонесеме за развојот на македонската културна сцена и во поширока смисла, промовирајќи нови креативни актери, нови културни настани, поинакви пристапи и стилови на полето на културата - со што сакаме да придонесеме за плурализацијата и шаренилото на овдешниот недоволно развиен културен простор, велат од „Темплум“.
„Лифт“, инаку, беше име на списанието за стрип кое излегуваше од 1996 до 2001 година, а денес е име и на угледна графичка едиција. Наградата „Лифт“ се доделува еднаш годишно. Петтата стрип награда „Лифт“ е поддржана од Град Скопје. дма/са/