• вторник, 19 ноември 2024

Распишан конкурсот за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ за 2022

Распишан конкурсот за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ за 2022
Скопје, 13 октомври 2022 (МИА) - Издавачката куќа „Темплум“ седумнаесетти пат го распишува конкурсот „Новите!“, за најдобар прозен дебитантски ракопис на македонски јазик. За наградата може да конкурираат исклучиво дебитанти, кои пишуваат на македонски јазик и кои претходно немаат објавено прозна книга. - Ракописите, треба да бидат напишани на кирилица, во македонска кодна поддршка, со фонт 12, проред 1,5 во А4 формат и не смее да бидат подолги од 160 страници, т.е. 300.000 компјутерски знаци, и покуси од 48 страници, т.е. околу 90.000 компјутерски знаци. Под проза пред сè ги подразбираме кусите или подолгите раскази и романи, вклучувајќи ги и специфичните жанровски експериментални форми, соопшти издавачот. Ракописите може да се испраќаат најдоцна до 15-ти ноември 2022 година, на електронската адреса: konkurs.novite@gmail.com. За сите дополнителни прашања кандидатите може да се обратат на истата адреса. Наградата која изнесува 1000 евра (бруто) и објавување на книгата во едицијата „Катапулт“ ќе се додели кон крајот на декември 2022 година. Досегашни добитници на наградата Новите! се: Алекс Букарски, Галијана Маркова (Будимка Поповска), Дозгулпмус (Климент Булоски), Ненад Јолдески, Иван Шопов, Хигсов Бозон (Кирил Минанов), Дејан Мирчески, Драган Георгиевски, Михајло Свидерски, Сања Михајловиќ Костадиновска, Ѕвездан Георгиевски, Гето Руди (Дејан Василевски), Андреј Ал-Асади, Ирена Јурчева, Игор Лозаноски и Марија Ангеловска. -Целта на наградата е да ги промовира и афирмира новите автори во македонската книжевност, новите тенденции во литературата, новите поетички начела, новиот пристап, новиот начин на организирање во сферата на литературата, новите обиди книжевноста да стане општествено повлијателна во секоја смисла: културно, пред сè, но и економски и медиумски..., информира издавачката куќа „Темплум“. Спонзор на наградата е „Комерцијална банка“ - Скопје. мд/сп/

Остани поврзан