• среда, 04 декември 2024

Рамапоса: Јужноафриканското претседателство со Г20 во центарот на вниманието ќе го стави „запоставениот континент“

Рамапоса: Јужноафриканското претседателство со Г20 во центарот на вниманието ќе го стави „запоставениот континент“

Кејптаун, 3 декември 2024 (МИА) - Јужна Африка ќе го искористи своето претседавање со Г20 за да ги стави приоритетите на „запоставениот континент“ на агендата на моќниот економски форум, изјави денеска претседателот Сирил Рамафоса.

Државата го презеде ротирачкото претседателство со групата најголеми светски економии на 1 декември и ќе биде домаќин на самитот во ноември следната година. Претседателството потоа ќе го преземе САД.

„Ова е клучен момент за поцврсто инкорпорирање на развојните приоритети на африканскиот континент во агендата на Г-20“, рече јужноафриканскиот претседател. 

Тој сака ова претседателство да има африкански акцент воопшто, како и конкретно во прашањата што треба да се решат.

Членките на Г20 сочинуваат 85 отсто од светскиот бруто домашен производ.

Претседателот на Јужна Африка ги повика другите африкански земји, вклучително и Нигерија, која исто така се смета за голема економска сила на континентот, да бидат вклучени во Г20 „за да може да се слушне гласот на Африка“.

„Имаме глас, имаме присуство, во наредните години најмногу ќе се зборува за нашиот економски раст. И нашето население ќе расте со брзо темпо“, нагласи Рамафоса.

Приоритетите на Јужна Африка за нејзиното претседателство се зголемување на отпорноста на катастрофи поврзани со климатските промени, мобилизирање средства за позелена енергетска транзиција и справување со неодржливите нивоа на долгови кои им пречат на земјите со ниски приходи, повеќето од кои се од Африка. рп/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан