Рама ја нарече опозицијата отпад и искажа убеденост во победа на пролетните избори
- „Идната пролет, на парламентарните избори, Албанците со своите одлуки ќе го дадат најдобриот суд за Социјалистичката партија и најзаслужената казна за овој отпад (Демократската партија) и за времето кое никогаш нема да се врати“, рече албанскиот премиер од говорницата.
Тирана, 18 ноември 2024 (МИА) - Албанскиот премиер Еди Рама со остри тонови и навредлив епитет и се обрати на опозицијата при обраќањето на пленарната седница на парламентот, на чиј дневен ред е Предлог-буџетот за 2025 година.
„Идната пролет, на парламентарните избори, Албанците со своите одлуки ќе го дадат најдобриот суд за Социјалистичката партија и најзаслужената казна за овој отпад (Демократската партија) и за времето кое никогаш нема да се врати“, рече албанскиот премиер од говорницата.
-Нема простор за задоволство, но има многу простор за верба. Албанија што ја сакаме се гради. Ние ја доближуваме Албанија до дворот на европските семејства. Патот е сè уште нагорен, но Албанија што ја сакаме не е невозможен сон, туку е кон оваа дестинација. Социјалистичката партија има доблест, слуша, трпи, се бори и во вистински момент му одговара секому според заслугата. Овој нов буџет е прозорецот низ кој се гледа патот до историската дестинација. Вразумете се, овој пат згрешивте и затоа неславно ќе поминете. Следната пролет (Албанците) со своите одлуки ќе дадат суд кој ќе биде најдобар за СП и најзаслужен за овој отпад и едно време кое никогаш нема да се врати, рече Рама.
Тој ги отфрли обвинувањата на опозицијата дека буџетот за следната година е антисоцијален, наведувајќи дека се планирани, меѓу другото новогодишен и пролетен бонус за пензионерите, како и продолжување со доделувањето еднократен паричен надоместок за сите новороденчиња, одлука која почна да се применува од 2019 година, секако продолжување на капиталните инвестиции, развој на „Албанија како најпосакувана туристичка дестинација“ и нејзин влез во ЕУ во 2030 година.
Според него буџетот за идната година е историски највисок буџет, проектиран на 822,7 милијарди лека или 8,2 милијарди евра, што е за 600 милиони евра повисок во однос на оваа календарска година. вт/сд
Фото: Рама ФБ (принтсктин)