• недела, 22 декември 2024

Рама: Самитот не е место за решавање на билатерални конфликти

Рама: Самитот не е место за решавање на билатерални конфликти

Тирана, 15 октомври 2023 (МИА) - На заедничката прес-конференција, претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен и премиерот Еди Рама изјавија дека на Самитот на Берлинскиот процес што ќе се одржи утре, нема да има став за прашањето за Косово и Србија, додека Фон Дер Лејен додаде дека овие две држави треба да седнат на масата за дијалог со посредство на ЕУ.

-Охридскиот договор е основа, темел за помирување преку дијалог со посредство на ЕУ. Многу е важно Косово и Србија да се вратат на масата на дијалог за нормализирање на односите. Ова е вистинскиот пат за иднината бидејќи Косово и Србија ќе бидат дел од ЕУ а за се постигне тоа неопходен е дијалог, изјави Лајен.

Според Рама, Берлинскиот процес е поврзан со континуирана промоција на сите земји од регионот кон  четирите слободи на ЕУ, движењето на луѓе, стоки, капитал и услуги.

-Овој процес не е место за решавање на билатерални прашања. Но, во програмата на Самитот работниот ручек на лидерите ќе биде посветен и на меѓусоседските односи во регионот. Просторот за дискусија меѓу присутните е програмиран, но тоа не е Самит кој се обврзува да најде решенија за проблемите кои се решаваат под капата на ЕУ, рече Рама.

Во однос на одржувањето на Самитот токму во неговата земја, Рама рече дека „тоа не прави горди и ни дава можност да го искажеме нашето задоволство и да го покажеме албанското гостопримство, кое верувам дека доколку имаше натпревар во Европа достоинствено би се стремеле кон првото место“. вт/сд/

Остани поврзан