• четврток, 27 јуни 2024

Рама: „Голема Албанија“ е бесмислица, а „Мини шенген“ е голема работа за Западен Балкан

Рама: „Голема Албанија“ е бесмислица, а „Мини шенген“ е голема работа за Западен Балкан
Белград, 11 јуни 2021 (МИА) - Албанскиот премиер Еди Рама во денешното интервју за „Јуроњуз Србија“ изјави дека „Мини шенген“ е голема работа за регионот, а идејата за „Голема Албанија“ е бесмислица сама по себе. - Досега не сум слушнал некој да ја поддржува оваа идеја, посочи Рама. Според него, „Голема Албанија“ никогаш не постоела на албански јазик, во учебници, но тоа е термин кој потекнува надвор од Албанија и тој е „нонсенс сам по себе“. Решението на прашањето меѓу Белград и Приштина, според Рама, е императив и тој е навистина клучен за отклучување на потенцијалот што постои во односите меѓу Србија и Албанија. Говорејќи за „Мал Шенген“, албанскиот премиер наведе дека не го сака „мини“ во тој израз, бидејќи тоа е голема работа за Западен Балкан и дека тој претпочита „Регионален шенген“ - „простор каде што сите можеме да ги применуваат четирите европски слободи, а во меѓувреме индивидуално да имаме свој пат кон европска интеграција“. Според него, тоа е храбар потег што води кон подобра иднина, разбирливо е дека постојат сомневања, како во Босна и Херцеговина и во Црна Гора, каде се плашат од проектот, бидејќи сметаат дека тој е алтернатива на членство во Европска Унија. Рама истакна дека на „ЕУ останува да одлучи кога ќе биде подготвена да ја отвори вратата за другите, а во меѓувреме, регионот не може да застане и да чека да се отвори вратата, бидејќи Западен Балкан им припаѓа на неговите граѓани, а ЕУ не може да кажува што смееме, а што не смееме да работиме“. ми/

Остани поврзан