Рама: Албанија членка на Советот за безбедност на ОН, честитки од Сореца и Ким
- Албанскиот премиер Еди Рама на Твитер објави дека неговата земја е избрана за привремен член на Советот за безбедност во Обединетите нации, нарекувајќи ја добра вест.

Тирана, 11 јуни 2021 (МИА) - Албанскиот премиер Еди Рама на Твитер објави дека неговата земја е избрана за привремен член на Советот за безбедност во Обединетите нации, нарекувајќи ја добра вест.
- Добра вест. Со 175 гласови од 117 потребни, Албанија штотуку е избрана за членка на Советот за безбедност на ООН за 2022-2023 година, напиша Рама.
Веднаш реагираше евроамбасадорот во Тирана, Луиџи Сореца, кој преку објава на социјалните мрежи оцени дека ова е историски ден за Албанија.
- Историски ден за Албанија и нејзиниот народ. Честитки за изборот за член на Советот за безбедност на Обединетите нации 2022-2023! Со нетрпение очекуваме да работиме уште поблиску заедно во решавањето на глобалните проблеми, напиша Сореца.
Изборот го честиташе и амерканската амбасадорка Јури Ким, додавајќи дека САД очекуваат поблиска соработка со Албанија во регионот и светот.
- Историјата се случи. Честитки за Албанија за првпат избрана во Советот за безбедност на Обединетите нации. САД очекуваат поблиска соработка со Албанија во регионот и светот. Честитки, напиша Ким.
Албанија денеска беше избрана за непостојана членка на Советот за безбедност на ОН. Ова е првпат таа да биде избрана за оваа функција, 65 години по нејзиното членство во Обединетите нации. вт/гт/