• петок, 22 ноември 2024

Разговорите со Бугарија за цената за набавка на струја не се завршени, вели Бектеши

Разговорите со Бугарија за цената за набавка на струја не се завршени, вели Бектеши
Скопје, 19 септември 2022 (МИА) - Разговорите за цената за набавка на струја од Бугарија не се завршени. Утре ќе имаме уште еден онлајн состанок заедно со мојот бугарски колега, но многу е важно во решавање на вакви ситуации да се придонесе во духот на добрососедството и продлабочување на соработката меѓу соседите, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши, откако вчера Бугарското национално радио (БНР) објави дека Бугарија и Северна Македонија не успеале да постигнат договор за цената на струјата што бугарските производители треба да ја извезат во земјава. - Во разговорите што ги имав со премиерот Ковачевски, со претседателот Радев, и со премиерот Донев и со мојот колега Христов и гледам добра волја за да имаме договор што ќе биде во корист на двете земји. Тука зборуваме за технички работи, зборуваме за да се справуваме заеднички со енергетската криза, посебно во делот на грејната сезона и политикантството е оставено на страна, изјави Бектеши, изразувајќи уверување дека со Бугарија ќе биде постигнат договор. Тој рече дека вчера во медиумите се појавиле неколку наслови во врска со ова прашање, кои како што рече, сите од нив се невистинити. - Северна Македонија и јас како преговарач и другите секако дека никогаш не побарале да платат електрична енергија по цена на берзата заради тоа што тоа и сега го имаме. Веќе имаме договор со Грција, со Бугарија, со Србија и со Косово да нема застој во делот на пограничните капацитети што значи дека берзите се отворени и такви шпекулации во однос на тоа дека ќе има намалување за 15, 20, 30 отсто од берзанската цена се невистини. Разговарав со Стопанската комора, ние ги знаеме нивните очекувања и преговорите ги водиме согласно очекувањата на компаниите што се на слободен пазар и во делот на количините и во делот на цената. Што се однесува на тоа што е проблемот и зошто досега немаме договор со Бугарија веќе се најавени одредени мерки од страна на Европската комисија, што треба да ги реализира и Бугарија како членка на ЕУ. Чекаме кои ќе бидат мерките усогласени целосно со Европската комисија, со цел нашиот потенцијален договор да не се коси со такви мерки, рече Бектеши. Тој и порача на опозицијата да не лиферува со бројки затоа што, како што нагласи, тука преговараат држава со држава, со цел да не упадне во преговорите заради тоа што Еврокомисијата веќе најави дека може да има замрзнување на цената на електрична енергија од 180 евра, а тие излегуваат со бројки од 400 евра. - Кој би потпишал договор од страна на Владата кога самата Европска комисија може да донесе одлука за замрзнување на цената на електрична енергија од 180 евра. Да не се креира ниту паника во општеството, ниту да се даваат погрешни информации. Многу далеку се пониски цените што ги бараме ние и тоа што е пренесено во јавноста. Ако се донесе да нема поголема цена од 180 евра во наредниот период во делот на електрична енергија во рамки на ЕУ, како може цената да биде 400 евра која би можеле ние да ја договараме. Тоа е вон логика. Имаше такви најави претходната недела, имаше такви предлози од страна на Фон дер Лајен и секако ние ги следиме тие случувања и ќе бидеме дел на тие мерки што ќе ги носи Европската комисија. Тоа е многу важно да се наведе, а дополнително на тоа ние ги знаеме очекувањата на нашето стопанство што е на слободен пазар, рече Бектеши. На 5 септември премиерите на Северна Македонија и Бугарија, Димитар Ковачевски и Галаб Донев се договорија да бидат извезени околу 200 мегават часови електрична енергија од Бугарија во Северна Македонија. сх/нд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан