• среда, 25 декември 2024

Радев кон Ердоган: Турција е наш многу важен партнер и сојузник

Радев кон Ердоган: Турција е наш многу важен партнер и сојузник
Софија, 6 октомври 2022 (МИА) – За време на самитот на Европската политичка заедница во Прага денеска средба одржаа бугарскиот и турскиот претседател Румен Радев и Реџеп Тајип Ердоган, јавија локалните бугарски медиуми. Како што јави дописникот на МИА од Софија, главна тема меѓу Радев и Ердоган била енергетиката. -Турција е многу важен партнер на Бугарија, нејзин сосед и сојузник особено во време на тешка енергетска криза, изјави Радев, според кого, важно е Бугарија и Турција да ги развијат меѓусебните односи во енергетската сфера. Радев додаде дека засега единствениот безбеден гас во Бугарија, за кој има долгорочен договор, е гасот што доаѓа од Азербејџан и поминува низ Турција. Според него, важна е улогата на Турција во гарантирањето на слотови за танкерите за течен гас за Бугарија. Бугарскиот претседател кажа дека е исклучително важно на овој форум во Прага да бидат привлечени земјите-партнери на Европската унија, како Норвешка и Азербејџан, од каде всушност доаѓа гасот во ЕУ. Според Радев, Турција е во Прага како клучна земја за Бугарија за доверливоста на испораките за Југоисточна Европа. Радев коментираше дека и Бугарија има се поголема улога во овој контекст како земја транспортер на гас и иницијатор на иновативни решенија, што, според него, јасно се покажа на отворањето на интерконекција Грција-Бугарија во саботата во Софија. Бугарскиот претседател ја пофали средбата во Прага и рече дека тоа е одлична основа за натамошна работа на енергетиката, транспортот и дигиталното поврзување, додавајќи дека Бугарија треба уште подобро да ја искористи својата географска положба како земја што ги поврзува Азија и Африка во Европа. Радев во Прага оствари средба со премиерот на Холандија Марк Руте на која се разговараше за можностите за пристапување на Бугарија во Шенген. нк/сд/

Остани поврзан