• петок, 22 ноември 2024

Работните групи во Софија ги утврдија роковите за исполнување на приоритетите

Работните групи во Софија ги утврдија роковите за исполнување на приоритетите
Скопје, 25 јануари 2022 (МИА) - Работните групи меѓу Северна Македонија и Бугарија денеска во рамки на заедничката меѓувладина седница во Софија одржаа одделни состаноци. Од прес-службата на македонската Влада информираат дека работната група што ја опфаќа соработката во економијата, енергетиката, финансиите, иновациите и развојот, инвестициите и земјоделството ја договорила динамиката на работа и заедничката основа за размена на добри практики и искуства за интензивирање на директна соработка во овие области. Втората работна група, во чиј фокус се транспортот, инфраструктурата, локалната самоуправа и меѓуграничната соработка, како и соработката во областа на информатиката и комуникациите, ги поставила определбите за работите на Коридорот 8 и поврзувањето со другите патни правци долж границата на двете земји. Како приоритет на оваа работа група е поставено воспоставувањето на авионската линија Софија-Скопје и заложбата за поскоро намалување на цената на роамингот меѓу двете држави. За европските интеграции, зелените политики и доброто владеење во третата работна група поставени се основите за поддршка и соработка на европските интеграции на Северна Македонија, како и за заедничките иницијативи во проектите опфатени со стратегијата „Зелен договор“ на ЕУ.Четвртата работна група, која во фокусот ги има културата, образованието и науката, туризмот, и младите и спортот, за задача го поставила преземањето на чекори од двете страни за изготвување на сеопфатна програма за соработка во овие области. Состанок денеска одржале и копретседавачите на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на кој е утврден календарот и динамиката на средбите во 2022 година. Работните групи беа утврдени за време на официјалната посета на бугарскиот премиер Петков на Скопје на 18 јануари. бак/са/  

Остани поврзан