Пуштена во употреба реконструираната спортска сала за учениците во ООУ „Пенестија“ во Дебар
- Технички прием на целосно реконструираната спортска сала во основното општинско училиште „Пенестија“ во Дебар е извршен денеска и од утре учениците ќе може непречено да ја користат, изјави за МИА директорот на училиштето Ајет Мулареџа.
Дебар, 26 март 2024 (МИА) – Технички прием на целосно реконструираната спортска сала во основното општинско училиште „Пенестија“ во Дебар е извршен денеска и од утре учениците ќе може непречено да ја користат, изјави за МИА директорот на училиштето Ајет Мулареџа.
-На задоволство и на наставниот кадар, но пред сè на учениците, реконструкцијата на спортската сала е успешно завршена и денеска направивме технички прием. Таа е според сите стандарди и веќе од утре учениците ќе почнат да ја користат. Сега се дава можност и за организирање разни спортски натпревари, изјави Мулареџа.
Салата се наоѓа веднаш до училиштето. Изградена е по земјотресот што го погоди дебарското подрачје на 30 ноември 1967 година, кога објектот на сегашната деветолетка функционираше како гимназија. Досега, според директорот, не бил реализиран ниту еден градежен зафат.
-Само салата располага со 280 квадратни метри површина, додека заедно со соблекувалната, тоалетите и другите помошни простории 350 квадратни метри. Спортската сала беше толку амортизирана што претставуваше ризик за безбедноста на учениците. Но, благодарение на општината, пред сè заложбите на градоначалникот и секако министерот за образование, учениците сега имаат идеални услови, додаде Мулареџа.
Овој многу значаен зафат е во рамки на проектот „Изградба и опремување на 145 спортски сали и реконструкција на средни и основни училишта во РСМ“ во кој Општина Дебар го доби проектот за целосна реконструкција на оваа спортска сала. Покрај реконструкцијата, салата ќе биде опремена и со сета потребна современа опрема што, според Мулареџа, ќе се реализира по изборите.
Претходно училишната зграда доби нова фасада и беа изградени и санитарни јазли за ученици со посебни потреби.
ООУ „Пенестија“ е најголемо во поширокиот дебарски регион, каде што настава на македонски и на албански јазик следат 970 ученици, заедно со подрачното училиште во село Џепиште. вт/хс/
Фото: ООУ„Пенестија“-Дебар