• сабота, 09 ноември 2024

Пуштена во употреба пешачка патека кон манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка

Пуштена во употреба пешачка патека кон манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка
Крива Паланка, 15 јуни 2022 (МИА) - Жителите на општина Крива Паланка, туристите и посетителите, од денеска ќе можат да уживаат во природата кон манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ пешачејќи по рекреативната патека во Бабин Дол, што официјално беше пуштена во употреба.
На настанот присуствуваа министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, заменик-министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски, градоначалникот на Општина Крива Паланка Сашко Митовски, заменик-градоначалникот на Општина Дупница, Бугарија, Крум Милев и делегација од збратимениот германски град, Грос-Цимерн.
- Се радувам и се гордеам за секоја педа изградена земја, обновена или реконструирана овде, во мојата Крива Паланка. Денеска ја пуштаме во употреба рекреативната патека која води до манастирот „Св. Јоаким Осоговски“, инвестиција вредна 185 илјади евра, средства обезбедени од ИПА2-програмата преку проектот „Одржливо искористување на културното наследство во Дупница и Крива Паланка". Пешачењето до манастирот од денеска ќе биде вистинско уживање за сите нас, прекрасна природа, мир и спокој. Чекор по чекор, Крива Паланка станува модерен, туристички, рекреативен центар, вистински пример за развој во целиот регион, и аманет оставен од дедовина, рече Николовски.
Заменик-министерот за локална самоуправа Димитровски рече дека му претставува особена чест и задоволство да учествувам на пуштањето во употреба на патеката Бабин Дол што води кон манастирот „Св. Јоаким Осоговски“, финансирана со пари од Европската Унија, за која од македонска страна е надлежно Министерството за локална самоуправа кое учествува со 15 отсто буџетски средства во нејзината реализација.
- Негувањето на културното и духовното наследство и неговото одржливо искористување е еден од важните предуслови за развој на туризмот. Манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ е вистински духовен и туристички бисер на североисточниот регион на државава и оттаму ваквите проекти се меѓу приоритетните на ИПА-програмата за прекугранична соработка, заради привлекување што повеќе туристи и јакнење на културните врски помеѓу граѓаните од двете страни на границата, порача Димитровски.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Митовски, истакна дека со овој проект е реализиран уште еден значаен инфраструктурен проект во општината, реконструкција на пешачка патека.
- Со финансиска поддршка од Програмата за прекугранична соработка на Европската Унија и буџет на проектот од 499.000 евра од кои 223.900 евра се наменети на Крива Паланка, меѓу другото, е изградена и оваа патека во должина од 885,3 метри и овозможува промоција и подобрување на туристичкиот потенцијал во општината, нашиот манастирски бисер која е главна туристичка атракција во Крива Паланка. Задоволство ми е што како општина досега успешно имаме реализирано повеќе од десетина проекти со кои се инвестирани над 3 милиони евра, европски пари од програмите на ЕУ за прекугранична соработка со Бугарија, Косово и Србија, а сите придонесуваат кон областа на туризмот и културното наследство во прилог на поголема атрактивност како туристичка дестинација на нашата Крива Паланка, посочи Митовски.
Рече дека локалната самоуправа на Крива Паланка работи паралелно на повеќе сегменти на унапредување на туризмот и особено промоција на манастирот „Св. Јоаким Осоговски“, како туристички бисер на градот, но и на атарктивните Станечки Водопади, каде што со друг прекуграничен проект со Лесковац, Србија, се уредува патека која ќе го поврзува и овој туристички локалитет со Калин Камен, каде е планирано да се развие зимско-рекреативен туристички центар.
- Остануваме да работиме неуморно на оваа цел, кон која несомнено значаен придонес добиваме од оваа атрактивна пешачка патека, која му дава нов импулс на рекреативнито сегмент на овој предел, со раскошна природа и чист планински воздух кој никого не го остава рамнодушен, истакна Митовски. ид/дма/

Остани поврзан