• петок, 22 ноември 2024

Путин и предложи на Грузија зајакнување на односите со Русија

Путин и предложи на Грузија зајакнување на односите со Русија

Москва, 27 мај 2023 (МИА) - Една недела откако беа обновени комерцијалните летови меѓу Грузија и Русија, рускиот претседател Владимир Путин предложи поголемо зајакнување на односите меѓу двете земји, јави ДПА.

- Подготвени сме да дадеме свој придонес, ги преземаме неопходните чекори и ќе продолжиме да го правиме тоа во зависност од реакцијата на нашите партнери“, рече Путин за Грузија на синоќешната средба со руските бизнисмени.

Сепак, рускиот претседател додаде дека бил шокиран од антируските протести во Грузија по обновувањето на летовите. Пред две недели Путин ненајавено ги укина визите за Грузијците и им дозволи на грузиските авиокомпании да го користат рускиот воздушен простор. Летовите меѓу двете земји беа обновени минатата недела.

Многу Грузијци со олеснување го дочекаа продолжувањето на летовите, бидејќи Русија е дом на голем број грузиски мигранти и многумина имаат роднини од двете страни на границата. Меѓутоа, во главниот град Тбилиси не сите го поздравија овој гест и беа организирани протести.

Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили исто така остро го критикуваше курсот на владата, истакнувајќи дека Русија сè уште окупира делови од Грузија. Отстапките кон Русија нема да го натераат поголемиот сосед да се откаже од окупираните територии, изјави таа синоќа за грузиските медиуми. Зурабишвили и посака на Украина успех во борбата против руската инвазија.

Односите меѓу Москва и Тбилиси се особено затегнати од 2008 година, кога Русија водеше војна против малата црноморска земја, јави ДПА. Двете земји ги прекинаа дипломатските односи поради конфликтот. Москва сè уште ги поддржува сепаратистичките грузиски региони Јужна Осетија и Абхазија и распореди руски војници во регионот.

Обидот за затоплување на односите меѓу Москва и Тбилиси доживеа неуспех во 2019 година, кога избија немири во кавкаската република откако руски политичар се појави во грузискиот парламент. ссм/

фото: МИА архива

Остани поврзан